Мојот син седи пред компјутер. Еден час бесно клика на компјутерот. Но, не игра игри. Има проблем да заврши задача за петто одделение која подразбира посета на одредени научни веб-страници за да ги истражи човечките сетила. „Гледај го ова!“, Хенри ми вели. Се оддалечувам од лаптопот каде што следам рецепт за да зготвам вечера. Мојата ќерка влегува зборувајќи на телефон, а син ми го пишува неговото име на екранот и веб-страницата го конвертира „Хенри“ во еквивалент од Брајово писмо. Моето внимание се насочува на пораката што стигнува на мојот лаптоп – мајка ми од Јужна Каролина.
Технологијата дефинитивно го промени семејниот живот во изминатите години. Од начинот на кој комуницираме, ги едуцираме нашите деца и се социјализираме со пријателите, до начинот на кој го водиме приватниот бизнис и се забавуваме – сето ова е еден нов свет.
Поседувањето компјутер во семејството сега е како да поседувате рерна.
Милиони мобилни телефони ги поврзуваат родителите и децата. Бурниот свет на информации и забава им нуди на семејствата многу начини за поврзување, учење и развивање. Но, како родители, знаеме дека и многу предизвици доаѓаат со овој тренд. Технологијата ни врачи голема одговорност за заштита на децата. Ограничување на времето пред екраните, безбедносни мерки, закани од сексуални предатори онлајн, зачувување на приватноста итн. Но, има и добри вести: Не мора да бидете компјутерски експерт за да се приклучите и да ги менаџирате семејните технолошки навики. За да научите како да бидете безбедни онлајн, може да ги користите истите родителски вештини што функционираат и во другите области на животот – верување во интуицијата, барање соодветна поддршка, поставување бихевиорални очекувања. Ова се главните компоненти за одгледување деца во технолошката доба.
Традиционално родителство
Во мојот дом технолошките уреди се оставаат пред да се седне на вечера. Игрите се оставаат настрана во текот на летните месеци, а велосипедите и костимите за капење се вадат, со цел децата да поминуваат што повеќе време надвор. Компјутерот си стои на истото место, како и телевизорот. Следните родителски тактики во врска со технологијата се мудри опции за да воведете мирна атмосфера во домот без фрустрации, а и да ги научите децата на здрави технолошки навики. Еве и зошто:
– Поставување граници на времето поминато пред екраните – основна техника која ги учи децата на важноста на балансот. Во овој случај, баланс помеѓу технологијата и другите активности. Се препорачува целосно да се забрани време пред екраните за деца под 2 години. За постарите деца, 1-2 часа дневно, во зависност од возраста.
– Поставувањето граници и последици му помага на вашето дете да прави одговорни избори. Одење кон училиште сам/а или грижа за милениче е одговорна активност, но и технологијата си бара здрав разум и доверба. Дефинирајте ги очекувањата и границите пред време, па помогнете му на детето да научи да го контролира своето однесување. Неодговорното однесување треба да резултира со последица, односно одземање на одредена привилегија.
– Надгледување на детето е клучот во мониторирањето на однесувањата, а следствено на тоа и понудување насоки доколку е потребно. Сета технологија треба да се користи во главните локации во домот, каде што можете да бидете во тек со активностите на детето и времето кое го поминува пред екран. Така и ќе се поврзете со интересите и однесувањето на вашето дете.
Модерно родителство
Како што светот се менува, новите алатки за родителство во дигиталниот свет се сѐ помногубројни. Голем број веб-страници нудат нови стратегии за управување на последиците од технологијата на кои децата се изложени од рана возраст.
– Систем за оценување: Видеоигри, телевизиско шоу, па дури и музичката индустрија имаат системи за оценување и насоки кои ќе им помогнат на родителите да одлучат дали нештото е соодветно за семејството. Секое семејство е уникатно, а вреднувањата на одредената индустрија не секогаш се во согласност со вредностите на семејството. Разбирањето на сето ова ќе доведе до добри одлуки, но вие го имате крајниот збор кога се работи за она што е добро за вашите деца.
-Технолошки алатки: Специфично дизајнирани да ви помогнат да управувате со содржините, овие алатки можеби веќе ги имате без да сфатите. Родителска контрола на компјутерот е стандарден дел од оперативниот систем, а истото го имате како можност за телевизиските канали и многубројните апликации.
-Ресурси: Има многу веб-страници што нудат совети за тоа како да го контролирате сето ова – форуми за родители, експерти кои даваат свои совети за безбедност на децата на интернет и сл.

Користете технологија заедно
Денешните родители се, всушност, пионери во технологијата, но доколку поставите одредена основа во технолошките навики, тогаш онлајн безбедноста ќе биде доживотна лекција за детето.
Дајте си време за да истражите што се случува онлајн, што има ново во начините за допишување или во видеоигрите. Со тоа ќе добиете информации и ќе бидете подготвени кога детето ќе ве праша нешто во врска со тоа. Следните активности пробајте ги заедно со децата, поврзувајте се и забавувајте се:
-Започнете семеен блог: Може да биде споделен со јавноста или да биде приватен или наменет за оние што вие ќе ги изберете. Има многу бесплатни алатки за креирање блог на интернет.
-Турнир во видеоигри: Зошто само децата да се забавуваат? Приклучете се во игрите и видете што го интересира вашето дете.
-Комуницирајте со вашето дете преку технологијата: Испратете му порака со „здраво“ или е-порака за добра среќа на тестот. Комуницирањето на овој начин на детето му кажува дека го гледате и дека се грижите за него.
-Креирајте семеен систем за вреднување: Можете да го сторите тоа во однос на телевизијата, видеоигрите и филмовите. Тоа ќе им помогне на децата да бидат корисници кои ќе знаат да изберат и да идентификуваат „црвено знаме“.
-Листа со песни: Креирајте персонализирана листа со песни и тоа нека биде семејна активност.
Пристапувањето кон технологијата со знаење и практично менаџирање, како и во другите области од семејниот живот, така и во овој случај, ја намалува анксиозноста. Технологијата, сепак, игра голема улога во животите на децата, па кога ќе го прифатиме тоа со знаење и без страв, ја прифаќаме и самата иднина.