Снежана Волјевица, по потекло од Србија, во 2000 година со семејството се преселила во Норвешка. Во родната земја доаѓа еднаш годишно, но нема намера целосно да се врати. Во Норвешка ѝ се сопругот, децата, внуците, работата. Таа речиси 19 години работи во една градинка, па за порталот „Nova.rs“ открива како функционираат норвешките градинки, што учат малечките деца таму, колку е поврзана со децата, но и како се приспособиле на коронавирусот.

„Ја обожавам мојата работа и кога почнав да работам, реков дека децата во норвешките градинки уживаат бидејќи сè се прави во нивен интерес“, ја почнува приказната Снежана, која била освоена на прв поглед од оваа скандинавска земја.

Иста цена на приватните и на државните градинки

Снежана вели дека во Норвешка постојат речиси 6 илјади градинки, од кои 46 отсто се општински, 54 отсто приватни. Во просек, од 10-ина деца во градинка одат 9, на возраст од 1 до 5 години. Интересно е што цената за престој е иста и во општинските и во приватните градинки. Притоа, за едно дете важи полна цена, за второ се плаќа 50 отсто, а за трето 30 отсто од целата сума.

„Со закон е регулирана минималната норма на вработени по дете. Тоа значи дека мора да има најмалку еден воспитувач на 3 деца под 3 години или еден воспитувач на 6 деца од 3 до 6 години. Исто така, на 7 деца под 3 години доаѓа по еден педагог или на 14 деца над 3 години“, открива Снежана и додава дека во сите градинки е обезбеден приближно истиот квалитет на услуги.

фотоизвор: приватна архива на Снежана Волјевица/ nova.rs

Таа раскажува и што е всушност во сржта на градинките во Норвешка.

„Главна задача и цел на градинката е во соработка со родителите да обезбеди децата низ игра, нега и грижа од страна на вработените да создадат основа за сеопфатен психо-физички и социјален развој“.

А таа соработка со родителите е многу важна. „Секоја градинка има совет на родители кој учествува во сите важни одлуки. Исто така, секојдневната комуникација со родителите е важен сегмент во работата со децата. За секој проблем се дискутира со родителите и тие се многу отворени и позитивно ориентирани“. Таа раскажува дека градинката е педагошка арена, што значи дека децата учат преку сите активности што ги извршуваат во текот на денот.

„Задача на градинката е на основа на христијанското и хуманото наследство и традиција да се гради почит кон човечките вредности и природа, интелектуалната слобода, простувањето, еднаквоста и солидарноста, како и вредностите што ги изразуваат другите религии“. Снежана вели дека за нашето поднебје можеби е чудно што во Норвешка децата учествуваат во организирање активности, но тоа е таму многу важно, па нивните желби и интересирања се земаат предвид кога се организира денот.
„Тие може да изберат кои песнички ќе ги пееме кога имаме музички собир, кои книги или сликовници ќе ги читаме, кој вид храна ќе ја јадат, каде ќе одиме на излет. Се разбира, задача на вработените е сето тоа да се усогласи со нивните потреби“, истакнува Снежана.

фотоизвор: приватна архива на Снежана Волјевица/ nova.rs

Поминуваат многу време надвор

Снежана зборува и како децата во норвешките градинки поминуваат доста време надвор без разлика на временските услови.

„Децата се надвор на чист воздух. Во слободната игра ги развиваат своите физички способности. Надвор децата учат за природата, растенијата, животните, временските услови, како да ја чуваат природата, како да се грижат за себе и за другите и уште многу други работи. Баш пред некој ден бев на излет кога едно момче од 3,5 години ми рече дека печурките не треба да се кинат со рака, туку треба да се исечат со нож, бидејќи ако ги кинеме, тогаш нема да дадат род следната година“.

Снежана издвојува и детали за работата во градинката – за работното време, смените, распоредот на оброци…

„Градинката во која работам има 86 деца и 25 постојано вработени. Децата се поделени во 6 групи, најмалата група брои 9, а најголемата 19 деца. Групата во која јас работам има девет 2-годишници“.

фотоизвор: приватна архива на Снежана Волјевица/ nova.rs

Градинката се отвора во 7:30 часот кога почнува со работа најраната смена. Следната смена почнува околу 8 часот, што зависи од тоа колку деца доаѓаат пред 8 часот. „Имаме можност за поместување на таа средна смена. Последната смена започнува во 8:40. Појадокот е во 8:30 во просторијата што ѝ припаѓа на групата. По појадокот некогаш пееме, некогаш следува слободна игра, некогаш веднаш се подготвуваме за надвор ако одиме на излет, сè зависи од тоа што е планирано, но секогаш одиме надвор претпладне. Во 11:30 е ручекот, а потоа децата спијат и тоа само децата што имаат потреба за тоа. Останатите може да имаат одмор од околу половина час кога им се чита книга или слушаат приказна на цеде“.

Наведува дека околу 14:30 часот децата јадат овошје и потоа има слободна игра, главно надвор, но ако е многу лошо времето, тие се внатре. Во 16:30 часот градинката се затвора.

Снежана зборува и што сè стои во описот на нејзиното работно место. „Еднаш неделно вработените во мојата група имаме одделенски состанок кога ги планираме активностите на месечно и неделно ниво. Јас сум воспитувачка со средно образование и моето занимање во превод е работник со деца и млади. Моја задача е во соработка со колегите да ги спроведам планираните активности, применувајќи педагошки техники и реквизити кои на децата ќе им дадат можност да учат, да стекнуваат самодоверба, сигурност, емпатија, чувство на владеење со различни вештини и способности. Наш главен фокус е да го истакнеме она што е позитивно. Наша девиза е дека она на што ќе се фокусираме ќе биде уште повеќе. Секогаш ќе го пофалиме детето и за најмалата ситница што добро ја направило. Се разбира, ќе укажеме и на грешките и ќе објасниме зошто таквото однесување или постапка не е добра на начин кој одговара на возраста на детето“.

„Доколку постојат деца со посебни потреби, општината има педагошко-психолошка служба со која многу соработуваме. Децата добиваат помош ако имаат тешкотии во физичкиот, психичкиот, говорниот или социјалниот развој. Ниедно дете не е лошо, туку на самото дете му е лошо“, вели таа.

Исхраната е посебна приказна

Големо внимание во градинките во Норвешка се посветува на исхраната на децата. „Се тежнее кон здрава храна која треба да биде разновидна, богата со витамини, протеини и влакна. Тоа значи многу зеленчук и овошје, црн/интегрален леб, риба и рибји производи, млеко и млечни производи и месо. Фокусот е на тоа децата да имаат можност да пробаат различни видови храна и зачини и да почувствуваат различни вкусови. Тука имаме голема поддршка од родителите бидејќи добрите навики во исхраната се стекнуваат од мали нозе. Децата се вклучени во подготовката на храната и тие активно учествуваат во тоа. Секогаш е возбудливо да се проба она што сам си го направил“, вели Снежана.

Промена поради короната

Снежана зборува и што и колку се променило во нивната работа откако почна пандемијата со коронавирусот. „Што се однесува до короната и влијанието врз работата во градинката, добиваме насоки кон кои мораме да се придржуваме за да се спречи евентуална појава и ширење на заразата. Најважна е хигиената – задолжително миење раце по доаѓањето во градинката, како персоналот, така и децата. Децата од една група немаат контакт со друга група или тој контакт е сведен на минимум. Исто така, персоналот мора да држи растојание“.

Снежана зборува и како градинките одредено време не работеле. „Градинките беа затворени од 13 март до крајот на април, но тогаш децата од оние родители што имале професии важни за функционирање на општеството беа згрижени во градинката (здравствени работници, транспорт, полиција…).

Децата зборуваа за своите родители, како им се викаат мајката и таткото, а едно тригодишно дете ме праша како се вика мојата мајка. Одговорив дека немам мајка, дека мојата мајка починала. Тој ме праша дали сум тажна. На тоа одговорив дека сум, а детето ми рече дека може малку да ми ја позајми својата мајка“.

Силна поврзаност со децата

„Децата се невини суштества и пружаат многу радост и се разбира дека многу ги сакам и се врзувам за нив, а и тие за нас. На пример, родендените ги одбележуваме така што им правиме круна со нивното име и бројот на години, пееме роденденска песна додека детето стои на некој стол и послужуваме убаво исечено и аранжирано разновидно овошје. На постарите деца им посветуваме малку повеќе внимание тој ден, правиме нешто за да се чувствуваат посебни. Зборуваме едноставно за роденденот, како ќе се прослави, кој подарок го сака или го добил, со кого ќе слави роденден. Бидејќи сме фокусирани на здрава храна, во нашата градинка нема колачи и слатки“.

За целата грижа и внимание што ги добиваат, децата знаат да возвратат на најубав можен начин. „Седевме еднаш на маса за време на појадокот, 5 или 6 деца од 3 до 5 години и јас и си зборувавме. Децата зборуваа за своите родители, како им се викаат мајката и таткото, а едно тригодишно дете ме праша како се вика мојата мајка. Одговорив дека немам мајка, дека мојата мајка починала. Тој ме праша дали сум тажна. На тоа одговорив дека сум, а детето ми рече дека може малку да ми ја позајми својата мајка“.

Автор: Невена Димитријевиќ

Извор



912

X