Ако имате тригодишно дете, тогаш сигурно ги знаете битките кога треба да облече јакна пред да излезе од дома, а неговата воспитувачка успева да подготви 20 деца (вклучувајќи го и вашето) за помалку од три минути во градинка. Се прашувате која е нејзината тајна?

Воспитувачите мора да развиваат нови методи кои ќе им помогнат да ги научат децата на нешто, да бидат ефикасни и брзи, а сето тоа да го постигнат без воена дисциплина, туку преку игра и забава. Така, секоја година тие се соочуваат со предизвикот да го најдат вистинскиот пристап кон секое дете поединечно, и се чини дека се доста успешни во тоа. Едукаторите откриваат зошто е тоа така и која е всушност нивната тајна.

Воспитувачите не дозволуваат да се губи време

Зошто вашето дете дава толкав отпор на секој ваш обид наутро да излезете навреме од дома, но кога воспитувачката во градинка ќе каже само еден збор, веќе е на нозе и подготвено е да излезе? Објаснувањето е едноставно: Кога наставничката ќе каже нешто, детето многу добро знае дека таа го мисли тоа.

– Искуството покажува дека родителите често им кажуваат на своите деца дека, на пример, време е да си одат дома кога се на игралиште или на пазарење, а потоа тие самите застануваат да погледнат нешто, да разговараат со некого… Мора да бидете доследни и да го почитувате тоа што го кажувате, а потоа можете да го очекувате истото од детето – објаснува воспитувачката Барбара Рот.

Рутината е клучна за квалитетен сон

Апсолутно е неверојатно како на вашето дете му требаат идеални услови за да спие дома – треба да ја затемните просторијата, да го исклучите телевизорот, да лежите до него и да потпевнувате. А во градинка во соба со уште 20 деца спие без проблем.

– Тајната е во групниот ефект. Имено, вашето дете е со други деца кои го прават истото, па едноставно е полесно да прифати дека е време за попладневна дремка – објаснува воспитувачката Џени Рафаели.

Како што советува таа, клучот е да ја воведете истата рутина дома и да се држите до неа. Половина час пред да заспие детето, не правете некоја активност која ќе биде многу интересна за детето или која случајно ќе му го крене адреналинот. Следно, креирајте рутина – истиот час, исто време, истите очекувања и резултатите ќе дојдат.

Како го кажувате нештото е исто толку важно како и она што го кажувате

Дали вашето дете не ви обрнува внимание кога зборувате?

Важно е никогаш да не го подигнувате гласот, предупредуваат психолозите. Ако случајно му кажете нешто, а не ве слуша, обидете се да му кажете на смирен начин и внимавајте на реакцијата на детето. Воспитувачите користат секакви техники, па наместо да викаат, тие пеат, шепотат и често користат визуелни помагала или гестови за да им го привлечат вниманието на децата. Дозволени се сите трикови и сите тие се подобри од викањето како обид детето да ве слушне.

Штом ќе успеете да го привлечете неговото внимание, веднаш кажете му директно што треба да направи. Не кажувајте, на пример: „Ако не се симнеш од масата, ќе се повредиш“, туку кажете: „Слези од масата“, а потоа објаснете му зошто.

Чекањето во ред и делењето играчки не се трауматични

Како возрасни, разбирате дека понекогаш треба да чекате во ред за да добиете нешто што го сакате или ви треба. И тоа не е проблем, освен ако некој не се обидува да застане пред вас. Децата ги имаат истите очекувања кога станува збор за фер однесување. Повеќето од нив се подготвени да споделат и да го чекаат својот ред, сѐ додека мислат дека системот работи.

– Кога две деца се караат, ние им кажуваме дека со расправија и викање нема да се реши проблемот, туку уште повеќе ќе плачат и ќе се налутат. На детето кое е вознемирено треба да му се објасни ситуацијата и да се понуди конструктивно решение. Ќе се смири бидејќи знае дека имате намера да го сослушате. Имено, децата во градинка учат да чекаат ред и да делат играчки со другите деца, а поради нашиот правилен однос, тоа воопшто не е трауматично искуство за нив – вели воспитувачката Аманда Џонсон.

Извор



912

X