Додека сте задлабочени во работата, во трката со времето и истовремено извршувајќи 5 задачи кои работниот ден ги поставува пред возрасните лица, сигурно, свесно или несвесно, безброј пати ви паднало на ум: моето дете е во градинка. Како му е сега? Како се чувствува? Што прави во моментов? Во главата се создаваат многу сценарија на кои и вистинските книжевници би ви позавиделе. И потоа конечно доаѓа и тој момент – работното време е завршено и вие брзате да го земете детето од градинка. Едвај чекате да го прегрнете со широка насмевка на лицето и љубопитно да прашате: „Како беше денес?“ „Добро“, ви одговара вашето дете кревајќи ги рамената. „А…што правеше денес?“ „Играв“, повторно добивате краток одговор. „Што си играше?“ „Сешто“, детето го дава последниот обесхрабрувачки одговор.
Погрешно прашање? Звучи познато? Во ред. Можеби имате молчаливо дете. Можеби вашето дете е изморено и не може баш сега да ги раскажува своите доживувања. Можеби му е потешко да се изрази. Или размислува дека работите што му се интересни нему нема да ви бидат и вам, па не се вредни за споменување. Не, невозможно е воспитувачите денес баш ништо да не правеле со децата, па затоа немаат за што да зборуваат. А можеби е проблемот…во самото прашање? Прашањата од типот „Што има?“, „Како беше?“, „Што правеше?“ се многу општи и широки, па децата не знаат што би кажале и како одговор нудат однапред научена фраза. Бидете мудри и поставете прашања на поинаков начин. Прашањата нека бидат конкретни, но и забавни, имагинативни, отворени за прераскажување, разговор и расправа.
Прашањата би требало да ги поттикнуваат децата да се потсетат на доживеаното, но и да го замислуваат (не)возможното на подобро запознавање на себе, своите чувства, избори, склоности и интереси и поактивно да се вклучат во својата средина и да ги забележуваат луѓето, работите и случките со кои се секојдневно опкружени, но на кои досега не обрнувале многу внимание. Со овие 20 прашања бидете сигурни дека ќе поттикнете љубопитство и спремност за комуникација и споделување искуства кај вашето дете:
Како би го оценил твојот ден на скала од 1 до 5? Зошто?
Што ручаше денес? Што би направил кога за оброк би ви дале похован крокодил или салата од полжави?

Видов дека денес на Ана ѝ било роденден. Како го прославивте?
Што те насмеа денес?
Дали денес слушна некој добар виц? Кажи ми го!
Дали некој денес се растажи? Зошто? Што направи за да му помогнеш? А друг?
Дали денес некој се расправаше? Како се реши ситуацијата?
Дали во градинка повеќе би сакал да редиш сложувалки или да играш на весела музика? Зошто?
Што би сакал да правиш во градинка, а во моментов не можеш/не смееш?
Кога би имал некоја супермоќ, која би ја одбрал, а да ти биде корисна во градинка? Зошто?
Кој ти е најдобар пријател во групата? А пријателка? Зошто? Што сакаш најмногу да играш со нив?
Кога утре би ја однел својата најдрага играчка во градинка, кому би му ја позајмил? Дали има некој на кого не би му ја позајмил? Зошто?
Кој денес носеше облека со црвена/сина/розова боја? На кој предмет беше тоа?
Кога ти утре би бил воспитувач, што би правеле децата и што би играле?
Дали денес слушавте приказна? Раскажи ми ја! Промени дел од приказната, а јас ќе се обидам да погодам што си променил. (На пример, волкот во Црвенкапа да се смени со мечка, прасенцата од „Три прасиња“ да се заменат со петли итн.)
Која приказна повеќе ја сакаш, Снежана или Јованче и Мариче? Зошто?
Цел ден мислев на тебе. Дали ти размислуваше за мене? Што замислуваше дека правиме?
Пријател слави роденден и ќе му подарите цртеж. Што би му подарил? Која боја најмногу ќе ја користиш? Зошто?
Што би направил кога на твојот пријател некој ќе му ја земе играчката?
Денес на небото имаше 2 прекрасни облаци. Ми изгледаше дека гледам куче како јаде коска. Дали и ти ги погледна облаците? Што виде?
Автор: Кристина Калиман, воспитувачка