Ѝ се фали една мајка на друга во градинката, додека ги врзува врвките од патиките на својот син: „Знаеш, мојот син оваа есен ќе оди во прво одделение и веќе знае да чита и да пишува. Злато, дај на мама другата нога да ја врзам патиката. И знаеш, сам прочита неколку сликовници, го зачленив во библиотека. Златичко, дај на мама да ти ја облечам јакната. И знаеш, сам ги избира сликовниците. Многу е напреден. Ајде малечок, дај мамичка да ти ја запетла јакната, уште не знаеш“.

Типична слика на неодговорен родител. Како да им се објасни на родителите, без да се налутат, дека пред да тргне во прво одделение детето воопшто не треба да знае да чита и да пишува. Затоа и оди на училиште – за да го научат. Како да им се објасни дека детето првин треба да ги совлада елементарните животни вештини, како што се: врзување на врвките од чевлите, самостојно облекување и соблекување, закопчување на патентот, запетлување на копчињата, правилно држење на моливот, самостојно подготвување на работите, пристојно одење и слично. Сето тоа се обидуваат да ги научат воспитувачките во градинките. Велам се обидуваат бидејќи често родителите ги спречуваат во нивните обиди.

Кога ќе дојдат децата во прво одделение, наставничките се лутат поради неколку работи. Некои од децата не знаат сами да се облечат, ниту да се соблечат. Не знаат каде им е училишниот прибор, ниту за што служи. Голем дел од децата не знаат како да го држат моливот. Има и такви што не знаат да се избришат по одењето во веце.

Некои од нив не знаат ниту да си го избришат носот, а на наставниците не им паѓа на памет да одат низ одделението и да ги бришат децата. Дел од децата пишуваат наопаку, на погрешна страна, прескокнуваат страници. Линиите што ги означуваат редовите на страниците од тетратките не им значат ништо.

Оние, пак, што „знаат“ да пишуваат повлекуваат движења одозгора-надолу, наопаку, неправилно пишувајќи ги буквите, па кога наставничката се обидува да ги поправи, родителите се бунат и се лутат и не сфаќаат каде е грешката.

Наставниците се оние што посветуваат часови и часови на нивниот дополнителен професионален развој, поврзан со учење како да пишуваат. Како да им се објасни на родителите, а да сфатат дека не се доволно едуцирани за да ги научат своите деца да пишуваат и да читаат? Како да им се објасни на родителите дека не треба да си играат наставници?

Ситуација: Наставничката носи 20 ученици надвор од училиштето, на настава во природа. Од 20 ученици, 10 чекаат да им ги врзе врвките на патиките, а 5 чекаат да им ја запетла јакната. Додека наставничката ги среди сите, поминува наставниот час и ги враќа во училницата. Од тие 15 што не знаат да се облечат, барем половината знаат да „пишуваат“.

Ситуација: Наставничките не можат да ги одвикнат од бебешкото зборување и користењето деминутиви, кои се користат додека имаат три години, а не кога ќе почнат да одат на училиште. „Мамичка ми рече дека не смеам да јадам паштетичка. Ми купи чоколатце и сокче. Смеам сега да го испапам?“

Родители, знаеме дека вашите деца за вас секогаш ќе бидат деца, но дали навистина мора да зборуваат вака? Но, важно „знаат да пишуваат“.

Ситуација: Детето нема домашна задача. Кога наставничката го прашува зошто нема донесено домашна задача, вели дека неговата мајка не му ја ставила тетратката во чантата. Драги родители, не треба да го учите детето да чита и да пишува, треба да го научите на самостојност, да го научите само да си ги спрема работите. Не може и не смее „мама да биде крива“ затоа што детето нема домашно или го заборавило потребниот училиштен прибор.

Општото мислење на луѓето е дека градинките се место каде што децата се носат да се чуваат додека родителите работат. Дали овие родители знаат дека „тетките“ што ги чуваат децата имаат завршено факултет за тоа?

Дали знаат дека овие „тетки“ учеле за нивните деца да ги научат на основните животни вештини, да ги социјализираат и да ги подготват за училиштето?

Често ги слушам колегите од градинка како се жалат дека родителите ги игнорираат нивните барања. Некои родители се лутеле кога воспитувачките барале од децата поголема самостојност.

Воспитувачките добро знаат што треба да знаат децата пред да почнат да одат на училиште, но наидуваат на недоразбирање и недостиг на соработка со родителите.

Чудно е колку родителите ги потценуваат и омаловажуваат воспитувачите и наставниците. Сите ние имаме една цел: да го разубавиме детството на малите деца, да им го олесниме учењето на животните вештини и да им помогнеме да пораснат во чесни и образовани луѓе.

Жалосно е што некои родители и најдобро намерните предлози од наставниците и воспитувачите сметаат дека се против нивното дете или нивниот начин на воспитување. Не постои „училиште за родителство“ кое треба родителите да го поминат пред да станат родители.

Прво се станува родител, а потоа се учи родителството. Во воспитувањето на децата важна алка се воспитувачите, наставниците и професорите.
Се надеваме дека родителите еден ден повеќе нема да нè гледаат нас, воспитувачите, наставниците и професорите, како нивни непријатели, туку како сојузници кои се тука за нивните деца. Нашите деца.

Тамара Гроздановски



912

X