Хормоналните и физичките промени низ кои поминува вашето тело за време на бременоста може да влијаат врз вашата кожа. Многу жени не обрнуваат внимание на овие промени бидејќи повеќе се фокусирани на здравјето и благосостојбата на бебето отколку на нивниот изглед. Токму немањето свест за промените на кожата создава чувство на беспомошност кај трудниците.

Важно е да се знае дека повеќето од овие промени на кожата се сосема нормални и се случуваат кај речиси секоја трудница. Постојат и мали трикови со кои можете да ги ублажите и да ги излекувате што е можно поскоро.

Стрии

Стриите се најчестите промени на кожата во текот на бременоста, а речиси 90 отсто од бремените жени ги добиваат. Можат да се појават на различни делови од телото: најчесто се видливи на стомакот, градите, бутовите и задникот како розови или црвеникави ленти кои со текот на времето побелуваат. Иако не постои лек за стрии, постојат неколку работи што можете да ги направите за да ги контролирате или спречите. Вежбањето и нанесувањето кремови што содржат витамин Е и алфа-хидрокси киселини може да помогнат до одреден степен.

Мозолчиња и акни

Ако веќе имате проблеми со акните, тие може да се влошат за време на бременоста. Промената на нивото на хормоните може да предизвика зголемено производство на маснотии во лојните жлезди, што може да доведе до нивно појавување. За ублажување на акните, мијте го лицето наутро и навечер со благо средство за чистење. Никогаш не стискајте ги мозолчиња и држете ја косата подалеку од лицето. Ако имате тежок случај на акни, вашиот дерматолог може да ви препише кремови или масти кои содржат салицилна киселина, бензоил пероксид, азелаична киселина или гликолна киселина. Сепак, важно е да се напомене дека не сите препарати се безбедни за употреба за време на бременоста. Избегнувајте користење на производи кои содржат ретиноиди, орални тетрациклини или изотретиноин.

Хиперпигментација

Зголемувањето на меланин за време на бременоста може да доведе до хиперпигментација, односно темни дамки на кожата. Хиперпигментацијата генерално исчезнува сама по породувањето, но во некои случаи може да потрае. Кафеавите дамки кои се појавуваат на носот, образите, лицето и челото се нарекуваат мелазма. Користењето кремови со заштитен фактор поголем од 30 и избегнувањето сончева светлина може да биде корисно.

Проширени вени

Во текот на бременоста можат да се појават дебели, сини вени кои се нарекуваат проширени вени. Може да се појават и во вагиналната област и ректумот. За да избегнете проширени вени, погрижете се да не седите или стоите премногу долго. Додека седите, не држете ги нозете скрстени долго време. Идеално би било ако нозете ви се во крената положба додека седите. Погрижете се да вежбате често, со одобрение од вашиот лекар, и да пиете доволно течности за да избегнете запек.

Извор



912

X