Овој водич е наменет за деца, млади, родители и наставници, но и за сите други заинтересирани лица што сакаат да се информираат и да се едуцираат за проблемот со електронското насилство што го искусиле децата и младите. Го подготвија доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, и проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник

Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска

Иако употребата на интернет и на другите електронски уреди има голем број предности, вклучително и образованието, постојат и многу опасности. Со објавување лични информации достапни за голем број луѓе, интернетот создаде простор за врсничко насилство. Сајбер-булингот, мобилните телефони или другите уреди за поставување содржина (текстови и слики) се составен облик на електронското насилство со кој секојдневно се соочуваат сè поголем број деца и млади.

Совети што родителите можат да им ги дадат на своите деца

– Дознајте повеќе за компјутерите за да можете да разговарате со децата за интересни теми.

– Ограничете ја употребата на вашиот компјутер на еден или два часа на ден.

– Разговарајте со вашето дете за опасностите на интернет и потенцирајте ја опасноста од закажување состаноци со непознати лица.

– Ставете го компјутерот во дневната соба, а не во детската.

– Охрабрете ја употребата на компјутерите како алатки за учење и дружење, а не само за забава (на пр., игри).

– Запознајте ги нивните пријатели на интернет онолку колку што ги знаете другите пријатели.

– Нагласете им на вашите деца дека не се виновни доколку се жртви на виртуелно насилство. Кажете им дека нема да им го одземете правото да користат компјутер – ова е главната причина што децата не им кажуваат на возрасните кога се жртви на насилство преку интернет.

– Нагласете им да бидат внимателни кому му го даваат бројот на мобилниот телефон.

– Кажете им на вашите деца дека доколку добијат порака од непознат број, не треба да одговараат. Не треба да одговараат на познати броеви ако содржината на пораката ги прави да се чувствуваат лошо или непријатно.

– Објаснете им на децата како шегата може лесно да стане навредлива и дека ако се лути, можат да направат нешто за што може подоцна да жалат. Охрабрете ги да се запрашаат пред да испратат порака дали може да го навреди или да му наштети на примателот на кој било начин?

-Поставете правило што не дозволува испраќање на фотографии или видеа на други лица без нивна дозвола, како и објавување содржина што може да ги навреди другите луѓе.

– Ако детето добие несоодветна порака, повик или е изложено на насилство, дајте му поддршка и охрабрете го веднаш да зборува со вас или со друг доверлив возрасен човек (како наставник, училиштен психолог) за да не се влоши проблемот.

Ако родителите дознаат дека нивното дете е жртва на насилство преку интернет, треба да го сторат следново:

– Научете го вашето дете да не одговара на насилни, заканувачки или на каков било начин сомнителни пораки.

– Да не ги бришете пораките или сликите бидејќи тие можат да послужат како доказ во обид да се открие идентитетот на насилникот, така што може да се преземат соодветни мерки за да се спречи насилството.

– Контактирајте го вашиот провајдер на интернет.

– Контактирајте го училиштето.

– Ако е познат идентитетот на насилникот, обидете се да контактирате со неговите родители (бидејќи постои голема веројатност тие да не знаат дека нивното дете се однесува насилно).

– Контактирајте ја полицијата ако пораките на интернет содржат закани за насилство, злоупотреби, вознемирување, детска порнографија итн.

Најчесто родителите не се колебаат да ја преземат одговорноста за однесувањето на нивните деца кога станува збор за игра во училиште или дома. Не мора да се разликува ова правило и кога станува збор за модерната технологија. Родителите треба да разговараат со своите деца за компјутерската етика, да се договорат за правилата на однесување на интернет и што е најважно, да ги дефинираат последиците од кршење на тие правила. Тие треба да ги научат децата никогаш да не ги покажуваат своите лозинки или да се караат или насилно да дејствуваат на интернет.

Запомнете!

Децата можеби знаат повеќе од родителите и наставниците за технологијата, но возрасните знаат повеќе за животот.
Затоа, дозволено ви е да ги поставите правилата и да побарате децата да се придржуваат.



912

X