Избирањето име за вашето бебе е прилично одговорна работа. Многу родители избираат стари традиционални имиња, додека други претпочитаат модерни и кратки имиња, а некои сепак првенство му даваат на значењето и врз основа на тоа ја носат одлуката.

Во која група на родители и да спаѓате, треба да размислите додека не го изберете вистинското име. Сепак, има шест прашања што треба да си ги поставите, а кога ќе размислите за одговорите, ќе сфатите што е важно за вас при изборот на името за вашето дете.

Со изборот на името за бебето, дали сакам да ги задоволам желбите на моите и/или роднините на мојот партнер?

Не треба да го правите тоа. Вие и вашиот партнер треба да изберете име кое ви се допаѓа вам, кое мислите дека ќе му одговара на вашето дете. Задоволувањето на туѓите желби не е приоритет.

Дали сте сигурни дека сакате име што е во мода?

Како и многу други работи, и имињата можат да бидат во мода. Сепак, имајте на ум дека името што е актуелно денес може да биде застарено за десет години. Или, уште полошо, може да биде „актуелно“ само краток временски период, година или две. По неколку години на сите ќе им звучи чудно. Имајте на ум дека вашето дете ќе го носи целиот живот и дека можеби ќе треба често да објаснува што значи неговото име и зошто, или од кого го добило. Ваквите имиња се појавуваат во серии и не се многу чести. Веројатно ви се познати овие примери – Сандокан, Марисол, Касандра и слично.

Какви прекари може да се изведат од имињата што ви се допаѓаат?

Верувале или не, но и за ова мора да се погрижите. Ќе го нарекувате вашето дете како што сакате, но не можете да замислите какви прекари можат да „извлечат“ неговите врсници. А таквите прекари, за жал, остануваат доживотно.

Дали името што го избравте одговара со вашето презиме?

Напишете ги и изговорете ги името и презимето заедно, неколку пати. Така ќе видите дали одговараат и дали создаваат необичен израз.

Дали ви е грижа што другите мислат за името на вашето дете?

Има примери на родители кои веќе на почетокот на бременоста одлучуваат како ќе го именуваат своето дете, но кога ќе ги слушнат коментарите на нивните пријатели – се колебаат. На пример, родителите имаат една асоцијација со име, а нивните пријатели и роднини имаат сосема друга. Пример за тоа е името на некои политичари, естрадни ѕвезди или, од друга страна, несакана познајничка. Затоа, ако сте одлучиле какво име ќе му дадете на вашето дете, не треба да разговарате за тоа со други луѓе. Нивното искуство ќе биде сосема поинакво од вашето, а можно е нивните коментари да не ви се допаднат.

Дали имате право да се премислите?

Сосема е нормално вашиот вкус за имиња да се промени во текот на бременоста. Името што ви се допаднало пред три месеци може сега да ви звучи сосема поинаку, или вашето бебе ќе „докаже“ дека изборот на името е правилен или погрешен според неговиот темперамент (премногу клоца, или е премногу мирно). Совет е, кога ќе ви се допадне некое име, викајте го вашето бебе со тоа име неколку недели и видите дали е соодветно, дали сепак ви звучи интересно. Друг совет е да ги запишете сите имиња што ви се допаѓаат на список и со текот на времето едноставно да ги прецртате (ако се премислите) или да ги болдирате (ако се влезени во потесниот избор). Последната опција е да почекате да се роди бебето, а потоа да одлучите кое име најмногу ќе му одговара.

Извор



912

X