Кога бебето или малото дете се плаши од одвојувањето од родителите, покажувајќи страв, тоа се нарекува сепарациска анксиозност. Како изгледа тој страв и што може да се направи за детето полесно да ја помине оваа фаза?

Секој родител што мора да се одвои од малото дете и да ја затвори вратата зад себе знае колку е тоа болно за детето, но исто така знае и дека мора да ја помине таа фаза и дека со текот на времето сѐ ќе се среди.

Што е страв од одвојување или сепарациска анксиозност?

Кога бебето или малото дете се плаши од одвојување од родителите, покажувајќи страв, тоа се нарекува сепарациска анксиозност. Тоа е нормален дел од детскиот развој и често се појавува кога ќе се зголемат подвижноста и независноста на бебето. Стручњаците велат дека не мора секое дете да го почувствува тој страв, а некои ќе го почувствуваат подоцна, меѓу 18. и 24. месец од животот.
Стравот од одвојување најчесто се појавува меѓу 14. и 18. месец, но првите симптоми се појавуваат многу порано, кога бебето почнува да сфаќа дека мама и тато заминуваат, а не е сигурно дали ќе се вратат. Таквиот страв може да се појави и кај претшколските деца, а во некои случаи дури и подоцна.

Бебиња од 4 до 9 месеци

Меѓу четвртиот и деветтиот месец бебето развива силна врска со своите родители. Тогаш почнува да сфаќа дека предметите и луѓето постојат и кога тоа не може да ги види, концепт што се нарекува „постојаност на објектите“. Тоа исто така значи дека посакува што побрзо да се вратат во неговата околина и ги покажува таквите чувства. Оваа фаза се појавува нагло и без предупредување, а на детето моментите на одвоеност му изгледаат како да е крај на светот.

Од 10 до 24 месеци

На оваа возраст децата се подвижни и независни, но тогаш може да се чувствуваат поизложени и понесигурни во светот. Тие многу се вознемируваат кога ќе ја напуштите просторијата или кога навечер ќе ги оставите во креветчето. Исто така, знаат кои се нивните посебни луѓе, односно родителите, и можат да станат многу внимателни кога ќе видат помалку познати луѓе во својата околина или кога некој треба да ги причува.

Од 2 до 4 години

Постарите деца имаат многу поголемо влијание врз заминувањето и враќањето на родителите и нивниот животен ритам. Тие веќе развиле чувство на сигурност, но можно е сѐ уште да имаат проблеми со менувањето на местата и запознавањето различни луѓе и им треба „поддршка“ за да се поздрават.

Деца постари од 4 години

Постарите деца сѐ уште може да се чувствуваат лошо кога се одвоени од родителите. Тоа обично поминува со текот на времето, но може да предизвика голем стрес во семејството, па пробајте да разговарате со детето и педијатарот за стратегии како на детето да му се олесни одвојувањето.

Сепарациската анксиозност може да се развие во нарушување кај постарите деца, па ако сметате дека постои таков проблем, треба да побарате помош. Истражувањата покажале дека четири проценти од децата на претшколска возраст страдаат од ова нарушување. Прочитајте го списокот и ако некои симптоми се присутни кај вашето дете, поразговарајте со лекар:

*Анксиозноста на вашето дете влијае врз целокупниот семеен живот;
* Неговиот страв не изгледа како да е дел од развојна фаза на негова возраст;
* Сепарациската анксиозност трае повеќе од четири недели.

Како изгледа стравот од одвојување?

Не е важно дали сте отишле во друга просторија или на улица, вашето бебе претпоставува дека сте заминале засекогаш. Бебињата сметаат дека нивните родители се нивно продолжение, па кога ќе се раздвојат, освен што чувствуваат дека заминува еден дел од нив, мислат и дека родителите никогаш нема да се вратат.
Бебињата и малите деца што чувствуваат страв од одвојување можат да се вознемират, да плачат, да се качуваат по вас, да ги игнорираат другите возрасни лица или да доживеат напад на гнев. Можат и да се вознемират во присуство на некое непознато лице. Тоа станува многу вознемирувачка комбинација и за родителот и за детето.

Како да се олесни таа развојна фаза кај детето?

* Бидете јасни – објаснете му на детето што точно се случува, согласно неговата возраст.
* Подгответе го детето – одвојте доволно време пред да заминете за да му објасните што може да прави додека сте отсутни.
* Згрижете го детето – поминете извесно време заедно пред да заминете за да се чувствува пријатно додека не сте тука.
* Омилени играчки – погрижете се неговите омилени играчки да бидат со него и да му дадат утеха.
* Вашиот поздрав нека биде краток и сладок – не одолжувајте го заминувањето, откако ќе се поздравите, заминете побрзо.
* Бидете позитивни и самоуверени – тоа ќе му помогне на детето да почувствува самодоверба.
* Направете мали дистракции – можете да му предложите на детето да ја затвори вратата зад вас.
* Разговарајте со детето кога ќе се вратите – вашето дете нека знае дека сте се вратиле и дека разговарате со него.
* Развивајте доверба и рутина – со текот на времето детето многу полесно ќе ги доживува вашите заминувања бидејќи ќе знае дека ќе се вратите.
* Читајте приказни во кои некој заминува и се враќа – најдете приказни соодветни за неговата возраст во кои некој се поздравува и заминува, но подоцна се враќа, така детето полесно ќе сфати дека и повторните средби се пријатни.
* Користете фрази кои ќе го охрабруваат детето – најдете израз кој му се допаѓа на детето и користете го при такви ситуации.

 



912

X