Вестите за новиот коронавирус Ковид-19 се насекаде, од насловните страници на весниците до вестите на телевизија. Многу родители се прашуваат како да разговараат со своите деца за оваа епидемија на начин што ќе биде смирувачки и нема да ги загрижи децата повеќе отколку што се загрижени. Ова се неколку совети од експертите.

Што е вирус?

Вирус е малечок, ситен микроорганизам, толку мал што не може да се види. Вирусите нѐ разболуваат, но не можат ништо да направат сами од себе – мора да живеат во друго суштество (домаќин) за да преживеат. За тоа да се случи, треба прво да влезат во нашите клетки.

Што е коронавирус?

Можеби си забележал дека возрасните разговараат за коронавирус. Постои нов вид вирус што се шири низ светот. Се вика коронавирус бидејќи „корона“ значи „круна“ на латински, а вирусот изгледа како да има круна на себе со боцки.

Главно, предизвикува луѓето да кашлаат, да се чувствуваат уморни и да имаат висока температура. Но, постарите луѓе и луѓето што имаат одредени здравствени состојби може многу да се разболат. Болеста што ја предизвикува вирусот се вика Ковид-19.

Како вирусот ги разболува луѓето?

Вирусите ги разболуваат луѓето со тоа што ги убиваат клетките на човекот или го спречуваат нивното правилно функционирање. Новиот коронавирус користи посебна „врата“ за да влезе во клетките. Тие посебни „врати“ ги има на клетките во носот и во белите дробови. Ако вирусот премногу се размножи во белите дробови, може да го отежне дишењето. Тоа се вика пневмонија.

За среќа, телото има војска која се бори против микроорганизмите како коронавирусот. Тоа е имунолошкиот систем. Кога некој вирус влегува во телото, имунолошкиот систем го напаѓа тој вирус. Кога некогаш имаш висока температура, главоболка или ти тече носот, тоа е предизвикано од имунолошкиот систем, и тоа е добро. Тие непријатни симптоми се знаци дека твоето тело се бори против вирусот.

Повеќето луѓе што добиваат Ковид-19 имаат симптоми како кашлица, висока температура или им тече носот. Но, некои луѓе се разболуваат многу, а лекарите не знаат зошто е така. Некогаш кај некои луѓе имунолошкиот систем не е доволно силен. Кај други, пак, имунолошкиот систем може да се бори премногу силно и да ги повреди човечките клетки. И во двата случаи луѓето може уште повеќе да се разболат.

Како да знам дали го имам вирусот?

Постои специјален тест за да се провери дали некој има Ковид-19. Ако се чувствуваш лошо, кажи им на твоите родители. Тие ќе се јават на лекар, па тој ќе даде дополнителни инструкции ако ти е потребен тест. Станува збор за тест ист како тестот за грип: ти земаат брис од носот и проверуваат дали во исцедокот е присутен вирусот. Резултатите се готови наредниот ден.

Што можам да направам за да помогнам?

Можеш да помогнеш во запирање на ширењето на вирусот така што редовно ќе си ги миеш рацете. Рацете се мијат со сапун и се тријат за да ги исчистиш прстите, местото помеѓу прстите и под ноктите. Притоа можеш да си пееш некоја песничка што трае околу 20 секунди за темелно да ги исчистиш.

Исто така, запомни дека рацете треба да ги држиш подалеку од лицето – значи да не ги триеш очите и носот и да не ги ставаш рацете во устата. Така, ако случајно го имаш вирусот на рацете, нема да му дозволиш да влезе во телото и да те разболи.

Запомни дека треба да кашлаш и да киваш покривајќи се со лактот и да останеш дома ако си болен.

Дали треба да бидам загрижен?

Нема потреба да се грижиш бидејќи возрасните напорно работат за да ги заштитат децата и другите возрасни. Дури и ако го добиеш вирусот, децата обично не се разболуваат многу од него. Повеќе е како блага настинка.

Сепак, и понатаму имаш важна улога во заштитата на другите! На постарите луѓе, како бабите и дедовците, им е потребна твојата помош за тие да останат здрави. Тоа значи дека треба да си ги миеш рацете и да седиш дома ако си болен. Може и да треба да не одиш на училиште ако наставниците и другите одговорни возрасни одлучат дека така е најдобро. Така ќе се забави ширењето на вирусот и ќе се заштитат постарите и болните луѓе.

Што се презема за да бидеме безбедни?

Лекарите и владините службеници напорно работат за да ги заштитат семејствата. Затоа бараат од луѓето да ги откажат настаните, на пример, спортските натпревари. Ги затворија училиштата за да го спречат ширењето на вирусот. Дадоа насоки и да не се собираме во поголеми групи и да не стоиме блиску до други луѓе кога сме надвор. Ваквите мерки му отежнуваат на вирусот да се рашири. Ако вирусот не може да се рашири, помалку луѓе ќе се разболат.

Исто така, лекарите се грижат за болните. Научниците се обидуваат да создадат вакцина против коронавирусот, слична како вакцините што редовно ги добиваш на лекар, како и лекови за болните.

До кога ќе бидат затворени училиштата?

Коронавирусот најлесно се шири во групи со голем број луѓе. Такви места се и училиштата, каде што секој ден одиш на часови со голем број соученици. Поради тоа, за да ги заштитат учениците и вработените во училиштето од вирусот, се донесе одлука за привремено затворање на сите училишта. Не се знае до кога точно ќе трае тоа.

Сепак, треба да запомниш дека иако не одиш на училиште, не треба да се однесуваш како да си на распуст. Треба да седиш дома и да не се гледаш со пријателите за да се заштитиш себеси, а и другите од вирусот.

Иако не одиш на училиште, можеш да продолжиш да учиш. Наставниците може да ти дадат лекции и домашни задачи. Исто така, можеш да побараш интересни книги од библиотека, или да следиш голем број образовни емисии на телевизија или на интернет.

Дали можам да се гледам со другарчињата?

Ако треба да седиш дома, тогаш не треба да се гледаш со другарчињата. Сепак, постојат разни начини да продолжиш да комуницираш со нив, преку телефон или преку интернет. Веројатно знаеш како да го направиш тоа, а ако не знаеш, можеш да замолиш некој возрасен да ти помогне. А можеш и да бидеш креативен и самиот да смислиш интересни начини. Секогаш може да се најде начин за играње и забава со пријателите, дури и без да се гледате во живо.

Ако ти е дозволено да се гледаш со другарчињата, тоа веројатно ќе треба да биде во мали групи. Значи, засега без роденденски забави. Широките отворени простори како парковите, каде што може да се биде доста оддалечен од другите, се веројатно најдобриот избор.

Кога ќе заврши ширењето на коронавирусот?

За жал, не знаеме точно. Користејќи математика, можеме да дадеме претпоставки. Ако е препуштен на себе, вирусот може да се шири низ светот многу месеци. Но, тоа не значи дека твојот град толку долго ќе биде погоден од него. Ако научниците пронајдат вакцина, тоа би го запрело вирусот.

Некои научници мислат дека вирусот ќе го снема кога ќе се стопли времето. Тоа се случува со другите коронавируси и со грипот. Многу од вирусите сакаат студен, сув воздух. Сепак, не знаеме дали е тоа точно и за овој нов вирус.

ЗА РОДИТЕЛИТЕ:

Не плашете се да дискутирате за коронавирусот

Повеќето деца веќе слушнале за вирусот или виделе луѓе како носат маски за лице, затоа не треба да избегнувате да зборувате за тоа. Не зборувајќи за нешто, всушност, може да ги натера децата да се грижат повеќе. Погледнете го разговорот како можност да ги пренесете фактите и да го поставите емотивниот тон.

– Вие сте лицето што ја филтрира и пренесува веста до вашето дете – објаснува д-р Џанин Домингес, психолог за деца во Институтот „Чајлд Мајнд“. Вашата цел е да им помогнете на вашите деца да се чувствуваат информирани и да добиваат информации засновани врз факти што веројатно ќе бидат посигурни од сето она што го слушаат од нивните пријатели или од вестите.

Разговарајте со децата соодветно за нивните години

Не откривајте премногу информации. Наместо тоа, обидете се да одговорите на прашањата на вашето дете. Дајте сè од себе да одговорите искрено и јасно. Во ред е ако не можете да кажете сè; важно е да бидете достапни за вашето дете.

Следете го вашето дете и што тоа знае

Замолете го вашето дете да ви каже сè што слушнало за коронавирусот и како се чувствува за тоа. Дајте му можност да постави прашања. Бидете подготвени да одговорите на прашањата. Целта е да избегнете да поттикнувате застрашувачки фантазии.

Извори: Child MindLive Science



912

X