Зошто е важно да ручаме заедно… Вања Булиќ

Во семејството Булиќ, Слаџана е глас на разумот. Додека Вања секогаш е загледан во иднината, таа живее за денес и планира два дена однапред. И кога не се согласува со она што го замислила, Вања признава дека прифаќа бидејќи времето покажа дека таа е локомотивата што го турка возот со четири мажи наместо вагон. Вања Булиќ пораснал со мајка си и сестра си, додека неговиот татко бил испратен на Голи Оток и вели дека е уверен дека мажите што растат покрај сестри имаат постабилни бракови и различен однос кон жените. Дури и подобро ги разбираат.

Сака да се присетува на младоста кога сестра му и тој навечер по излегувањето си чукале на ѕидот и се наоѓале да си раскажат што им се случило. Благодарение на неговата сестра, секогаш знаел зошто некоја девојка го оставила. Својата сопруга Слаџана ја запознал на некоја свадба. Го освоила со убавината, „мангуплакот“ и со тоа што потекнувала од добро семејство. Излегувале три години, а потоа Слаџана го запросила Вања. Имаат три сина и се горди на своето семејство.

– Ако ми беше несредена состојбата дома, ништо не би постигнал во новинарството, па ни на телевизија. Најважни се семејното усогласување и рамнотежата. Семејството ми е значајно во сите сегменти од животот, па и за она што го пишувам, а „Бременост“ и „Како одгледав близнаци“ се двете најубави книги што сум ги напишал – вели Булиќ.

Моќта на семејниот ручек

Она што отсекогаш било непишано правило за семејството Булиќ било собирањето дома за ручек.

– Каде и да работев, за ручек секогаш одев дома, па и денес сметам дека е важно да создадеме таков ритам на животот. Различни се разговорите за време на семејниот ручек, се советуваме едни со други, си замеруваме за нешто. Моите деца отсекогаш знаеја колкави ни се платите, кредитите, за тоа отворено се зборуваше, па со самото тоа имавме и различен однос кон тоа како ги заработуваме парите. Особено е тешко денес кога знаеш дека со продолжувањето на работното време ти го земаат најважното – семејството.

Вања колку што можел се спротивставувал на тоа, па често избирал да не работи во сабота.

– Наместо да сум на некоја „тезга“, ми беше поважно сите да одиме некаде, па прифаќав само ангажмани со пејачи во странство бидејќи беа добро платени, додека останатите викенди ги поминував со децата, жената, пријателите. Со другарите печев ракија, додека децата околу нас се дружеа. Во сето тоа имав среќа да сретнам жена како Слаџана. На децата ништо не им вреди ако мама и тато глумат во својот брак и децата слушаат како се дерат еден на друг.

Жените како полицајци

Вања Булиќ се оженил во 28-тата година, што некогаш била вистинска возраст за брак и семејство, и по малку разочарано констатира дека денес се смета дека на 28 години е прерано за сериозна врска. Смета дека не е правилно што на неговите синови близнаци, кои имаат 34 години, не им паѓа на памет да основаат семејство, туку уживаат во ергенскиот живот. Постариот син Душан е оженет и има дете, а внучето на Вања му донело голема радост во животот. На прашањето што е најважно за добриот брак, вели дека луѓето треба да се најдат уште на почеток, а тој и неговата Слаџана во усогласен брак живеат 44 години. Секој проблем го решаваат заедно со љубов и разбирање.

– Жените се полицајци во домот и често имаат илјада прашања. Некои се логични, некои ме вадат од такт, додека најмногу ме нервира кога зборувам за нешто што се подразбира – открива Вања.

– Слаџа не негодува, но главно не верува дека нешто ќе се заврши. Жените гледаат два чекори понапред и за нив сè мора да се реши „сега и веднаш“, додека ние мажите не мислиме дека мора баш така. Но, не би било добро ако бевме исти.

Сите негови три деца денес се богати, среќни и исполнети луѓе.

– Животот со три деца е поинтересен. Единците се во некој друг свет и лесно се препознаваат, дури и како возрасни. Најстариот син Душан и близнаците се осум години разлика. Кога тој имаше 18 години, тие му приредуваа секакви згоди и незгоди. Кога ќе му дојдеше девојка, тие знаеја да запалат хартија и да му ја подметнат под врата, да му ја раштимаат гитарата… Денес гледам дека тој им е авторитет, дека сакаат да се консултираат со него кога имаат дилеми, му се доверуваат. За мене тоа е многу важно, браќата да имаат однос каков што треба.



912

X