Заштитите се и вие како родители од она што не ви годи, примајте и слушајте информации онолку колку што можете да поднесете, најдете начин како да се вентилирате и опуштате
Вонредната ситуација сама по себе ни укажува дека не е онаа стандардната на која сме навикнале. Со тоа таа кај секој од нас носи голем број промени, почнувајќи од начинот на функционирање до самите емоционални состојби кои барем за мене се многу неконстантни во периодов. Сето ова што нас нè допира директно и индиректно го чувствуваат и децата во иста мера.
Веќе се имате соочено со дел од прашањата за кои тие се запрашуваат, самите тие знаат дека е нешто нетипично, дека за нив овој (одмор) не е ниту зимски ниту, пак, летен распуст и не знаејќи до кога ќе трае, треба да им направиме една безбедна средина за развој неисклучен од општествените случувања, но не и премногу изолиран за да бидат во бунило додека сето ова трае, па и кога ќе заврши.
Она што е најбитно во овој момент е селектирање на информациите што треба да им бидат соопштени на децата. Кај нив можноста за да се процесираат или обработат одредени информации е помала отколку кај нас и ваквите состојби претставуваат нејаснотија најпрво за нас, а потоа и за децата, слично како и кога има природна катастрофа или кога родителите се препираат за одредено прашање. Најбитно од сè е тие да се чувствуваат безбедни и да ги знаат начините како да се заштитат, да станат свесни за заштитата (поддршката) од родителот и здравството, без притоа до нив да дојдат премногу информации поврзани со последиците од епидемијата.
Во секој случај, тие не смеат да бидат и презаштитени. Би ве повикал да останете во ист состав како пред изолацијата, децата да не се испраќаат кај нивните баби и дедовци, пред сè, за да не се чувствуваат отфрлени и презаштитени, да немаат грижа за вас како родители, да не им се наруши начинот на функционирање во домашната средина, а и за да ги заштитиме постарите. Нека не ве плаши фактот ако едниот родител е принуден да оди на работа и е во контакт со луѓе и со надворешни и внатрешни површини. Хигиената е секогаш тука, а и фактот што речиси нема случаи на заболени деца.
Тука би ве поттикнал, пред сè, да се заштитите вие како родители од она што не ви годи, примајте и слушајте информации онолку колку што можете да поднесете, најдете начин како да се вентилирате и опуштате.
Ова е слично како и тоа кога пред полетувањето на авионот стјуардесите најавуваат: Најпрво ставете ја вашата маска со кислород за да се заштитите, па потоа на детето. Затоа не е ништо нетипично ако станете дел од детските игри.
Во прилог ви предлагам неколку игри, занимации проследени воедно со едукација кои би ви помогнале вам и на вашите деца да се исклучите за момент од надворешниот свет и да им помогнете да се чувствуваат убаво дома, а и вие со нив.
• Правете колиби од она што ви е на дофат дома, на пример, перници, прекривки, јоргани, чаршафи. Со тоа децата ќе имаат чувство на создавање нов свет во светот што веќе постои, создавање свој креативен простор. Притоа тие ќе трошат и физичка енергија (а верувам и вие кога сето тоа ќе треба да се среди).
• Вежбајте заедно. Пробајте ги вежбите што се понудени во психотерапиката.
• Свирете на инструменти, кујнскиот прибор може да биде одличен инструмент, секое тенџерче може да даде интересен звук и сè што вам ви изгледа интересно. Ова дава една убава домашна филхармониска атмосфера, простор за креативност и уживање.
• Пеење и караоке. Ова е секогаш добар избор, сите сте опуштени, а им дава можност на оние што што не пеат толку убаво да се охрабрат.
• Вклучете ги во приготвувањето на храната. Тоа би им дало чувство дека тие како поединци придонесуваат, со тоа ќе се чувствуваат корисни. А ова е и одлична шанса во моментот на приготвување на храната децата да селектираат која храна му е најпотребна на нашето тело за нормално да функционира, која храна придонесува за нашето здравје, а која храна ни наштетува (не треба да ја внесуваме многу често).
•Драматизирајте текст, изберете басна, приказна, песна итн. Одберете детски драмски текст кој е обработуван на училиште, малку изменете го, поделете го на улоги во вашето семејство и слободно драматизирајте.
• Напишете како се чувствувате вие и вашето дете (станува збор за деца на поголема возраст). На пример, во длабок сад напишете ги своите емоционални состојби, она што ви паднало на памет како идеја – запишете го и оставете го. Пишувајте и за стравовите и за сè што ви паѓа на памет, потоа прочитајте за да имате увид кој како се чувствува. Пишувањето дневник исто така претставува ослободување на стресот, чувствата, емоциите итн. Поттикнете ги децата на тоа.
•Правете креативни оригами: Можат да се пронајдат многу интересни видеа достапни на „Јутјуб“ во кои со помош на оригами би ги активирале прстите, а со тоа ќе го намалите стресот и воедно ќе го имате и фокусот заедно со вашето дете да изработите нешто интересно (oва е ЛИНК од страница со креативни активности од која можете слободно да ги испечатите и изработите оригами).
•Играјте друштвени игри : Јамб, монопол, story cubs, Не лути се човеку итн. Овие игри би биле секогаш добар избор за изразување на емоциите, меѓу кои и непријатните.
Сите овие понудени опции ќе ви помогнат и вам и на вашите деца да поминувате поквалитетно време заедно. Вашите деца полека ќе почнат да ги прифаќаат овие игри и занимации, а пак вие ќе имате поголем увид и влијание врз она што тие ќе го манифестираат и во иднина. Приклучете се и вие во овие игри, придонесете за доброто на вашите деца и доброто на самите вас.
Поголемиот дел од денот поминете го заедно, оттргнати од социјалните мрежи и многуте непотребни информации што не му носат добро на никого.
Уживајте и заедно отворете ги непознатите полиња и откријте ја детската фантазија преку креативноста и разонодата.
912