Дали верувате во бајки на прво читање? Може и да не го знаете веднаш одговорот и тоа е сосема во ред, зашто средба како сегашната се случува многу, многу ретко. Да речеме, како појавата на Халеевата комета, на секои 75-76 години. Впрочем, тоа е и целта на моето обраќање кон вас овој пат – да ви позборувам за една книжевна појава што овде, на земјата, безмалку е токмуглава на споменатата вселенска појава. Млади дами и господа − „Бајки од Македонија“ − едно необично, илустрирано и оригинално издание на најпознатите и најубавите бајки од македонската народна традиција.

Вашите родители кога биле деца можеби заспивале со овие приказни, раскажани од нивните баби и дедовци… Некои од нив веројатно ги среќаваме и на телевизија, во познатите македонски народни приказни. Денеска, бајките Девојчето и дванаесетте месеци, Момчето што се скри во златното јаболко, Двата цара и Вејко Северко живеат во оваа прекрасна книга и добиваат свој лик.

Затоа што сè уште е зима и затоа што нема да биде фер да не ви подраскажам барем една од бајките, се одлучив за онаа за Вејко Северко.
Ах, тој, Северко. И самите знаеме каков студ ни втерува в коски. Но, овој Чичко Вејко е баш фин господин, ако и вие сте културен соговорник, како малото момче што тргнува на дооолг пат за да го најде ветерот што го бие глас дека е многу строг и лут.
Ако сте љубезни и воспитани како малото момче во приказната, тогаш за вас нема зима. Освен што ова момче е за пример, тоа е и многу посветено на домаќинството што го сочинуваат заедно со неговата мајка. Среќата не им е многу наклонета, па живеат сиромашен живот. Кога еднаш момчето ќе сака да го донесе остатокот брашно од амбарот за мајка му да замеси леб – темпераментниот Вејко ќе му го одвее. Но, за сметка на тоа – ќе му биде од голема помош…

Како што знаете, бајките се чудесни приказни со среќен крај, кои во себе содржат одредено наравоучение. Нашата цел е да бидеме детективи и да го откриеме. Јас малку ви ја наговорив поуката во Вејко Северко, но не ви ги поткажав деталите. Што значи, вие сте на ред!

Бајките содржани во оваа книга, како што веќе споменав, потекнуваат од македонскиот фолклор. Авторството му се припишува на народот, но некои многу значајни луѓе успеваат да ги соберат и да ги запишат за да ни ги остават во наследство. Тие приказни се обележани со многу типични нешта за нашата култура и со типизирани ликови со специфични својства (скржавец, лажливец, итрец итн.).

Верувам дека можете да препознаете колкава е важноста на овие приказни за сите нас. Вие само можете да им додадете значење со тоа што ќе ги прочитате и ќе ги споделите со луѓето во вашата непосредна близина. Па, не мислете се и стапете во акција, па правете им се важни на другарчињата дека знаете приказни на кои не им се знае возраста (да не речам – староста).



912

X