Нова анкета во која учествувале 2.000 луѓе открива дека младите родители во текот на првата година од животот на детето имаат по седум кавги дневно.

Раѓањето и воспитувањето „мал човек“ понекогаш е тешко. Тоа влијае и врз романтичната врска меѓу вас и партнерот. Истражувањето спроведено од страна на „ChannelMum.com“ и „Бејби шоу“ покажало дека младите родители во првата година од животот на бебето имаат дури 2.500 кавги. Истражувањето било спроведено на 2.000 родители, па покажало дека најчестите судири се околу тоа кој колку е изморен, кој ќе „дежура“ наредната ноќ, а 16 отсто од паровите се расправале и поради недостигот на сексуални односи. Во меѓувреме, 17 отсто од нив сметаат дека општо во првата година од животот на бебето чувствуваат недостиг на љубов од страна на партнерот, а 12 отсто велат дека до кавга доаѓа откако еден од партнерите ќе се обиде да иницира секс.

До кавга доаѓа и при обидот да се усогласат домашните обврски и грижите околу детето, кои вклучуваат хранење и менување пелени и облека. Исто така, и околу тоа колку често и кога детето треба да јаде и да пие течности и треба ли да биде оставено и колку долго да плаче само. Кај една петтина од паровите наведените резултати доведуваат до развод во првата година од животот на детето.

Зои Бонсер, водителката на емисијата „Бејби шоу“, во изјава за истражувањето истакнала дека е срцепарателно да се гледа колку парови се разделуваат во првите 12 месеци од родителството, а тоа треба да биде еден од највозбудливите периоди во нивните животи. Иако е тоа прекрасен период, нема сомневање дека е и стресен, кој носи промени во спиењето, рутините, одговорностите и навикнувањето на трета личност во куќата на која ѝ треба константна грижа и внимание.

Останатите резултати покажуваат дека шест од десет родители не се подготвени на влијанието и промените што ги донело бебето во нивните животи, додека третина од паровите можат да поминат пет дена по ред без да зборуваат со својот брачен партнер. Повеќе од петтина од родителите навеле дека им е тешко да се навикнат на помалку пари отколку што имале пред да пристигне детето на свет. Шокантно е и како над 25 отсто од испитаниците изјавиле дека им се намалило чувството на близина со својот партнер откако се родило детето.

Добра вест е дека 23 отсто од испитаниците рекле дека барале помош од пријатели и од семејството, па дека одредени тактики, како наизменично ноќно хранење, планирање однапред и одредување време за секс, дружење со пријателите и редовни излегувања, помогнале во зајакнувањето на партнерските односи.

Ако вие и вашиот партнер се мачите околу договарањето на обврските поврзани со новороденото бебе – не плашете се бидејќи не сте сами.

– Дури и оние парови што обично одлично комуницираат и имаат одличен однос можат да потврдат дека првите неколку месеци откако ќе се роди детето се многу напорни, а кавгите се навистина нормален дел од процесот на приспособување. Планирањето на времето што партнерите ќе си го посветат еден на друг може да биде еднакво важно како и учењето како да се внимава на детето бидејќи од среќни родители природно ќе произлезе среќно дете – изјави Сиобхан Фригард, основач на родителскиот интернет-портал „ChannelMum.com“.

Автор: Мареса Браун

 



912

X