Во текот на зум-состанок минатата недела, моето 5-годишно дете, кое необјасниво вртеше исушено манго на забен конец и го виткаше пред камерата од лаптопот, се потпре на столот, го преврти и си ја удри главата. Кога го смирив, ги зеде сите четки за заби и кутија чепкалки за уши и ги стави во веце-школката. Јас врескав, сите плачевме и почувствував срам што не сум го почувствувала пред почетокот на пандемијата, кога единствените грижи околу детето беа неговото време поминато пред екранот или дали сите дома носат панталони.

Јас сум ужасен родител сега, си реков себеси по дебаклот со зум-состанокот и четките за заби. Моето постаро дете е комично лошо во учењето на далечина. Моето мало дете во основа е диво. Постојано се чувствувам лошо и знам дека не го давам она што моите деца, сопругот, шефот и пријателите го очекуваат од мене.

Затоа сега, кога новата учебна година е во полн ек, јас имам нова цел: да научам дека е во ред тоа што сум само адекватен родител на децата.

Како што пандемијата го поминува она што се чувствува како 167. месец од годината, сега е време ние родителите да си дозволиме неуспех. Токму ова го велат и експертите за ментално здравје: треба да го прифатиме фактот дека некогаш е повеќе од доволно да се биде адекватен. Немаме доволно помош. Немаме доволно време. Голем број родители ги напуштија своите работни места затоа што нивната „најдобра“ опција и согорувањето беа неконтролирани. И којзнае колку долго  ќе трае ова?

Но, развивањето самочувство е изненадувачки тешко особено затоа што е спротивно на многу од она што сме условени да го очекуваме од самите себе во оваа конкурентна, заситена ера на родителство. Во моите помалку сигурни моменти, сигурна сум дека постојат многу родители кои се имаат снајдено во родителството за време на пандемијата на начин на кој јас не можам да се снајдам.

Психологот Клер Никогосијан, клинички професор на Универзитетот „Браун“ и автор на „Мама, ти си доволна: Како да создадете смиреност, радост и доверба во хаосот на мајчинството“, зборува за тоа како родителите да се помират дека некогаш е во ред да се биде просечен родител.

1. Потсетете се себеси дека и понатаму сме во режим на преживување

Родителите се справуваат со различен степен на криза: некои немаат кој да им ги чува децата, некои ја изгубиле работата, а децата не одат на училиште. Други имаат помош, нивните деца одат на училиште и не се соочуваат со финансиска криза. Сепак, тешко е.

Никогосијан честопати ја користи оваа метафора во терапијата: Ако пливате во океан и знаете дека има ајкули околу вас, дали би направиле пауза и би се прашале: Дали сум добар пливач? Дали ги правам работите како што треба? или би ја спуштиле главата и веднаш би почнале да пливате? Сигурно дека би го направиле она што е потребно за да останете живи.

Ова е добра метафора што треба да ја имате предвид во моментите кога ќе бидете загрижени дека не ги исполнувате вашите типични очекувања во овие навистина луди времиња.

2. Преиспитајте ги вашите стандарди

Никогосијан препорачува да поминете време размислувајќи од каде потекнуваат тие типични очекувања од себеси како родител.

– Тоа е разновидно и променливо бидејќи никој од нас ги нема истите искуства – вели Никогосијан.

Затоа, издвојте време и размислете: Зошто мислам дека тоа треба да се случи? Зошто мислам дека моето семејство треба да го прави токму тоа?

Со малку размислување ќе сфатите дека некои од тие стандарди и очекувања се работи за кои навистина не би требало да се грижите.

3. Водете дневник за времето поминато со вашите деца

Последниот предлог на Никогосијан е да водите дневник за тоа кога сте биле сами со вашето дете и сте му посветиле внимание – време кога не сте извршувале мултитаскинг или не сте му викале да учи или што и да е.

Ако чувствувате дека можете да издвоите 5 минути дневно за да му посветите внимание, тогаш треба да се држите до тоа. Тие 5 минути можат навистина да ви помогнат.

А потоа, речете си себеси дека тоа е доволно. Сте ги нахраниле, сте ги чувале безбедни и сте успеале да се дружите со нив. Навистина адекватно.

Автор: Кетрин Пирсон
Извор



912

X