Изработена од челик, бетон и стакло, оваа градинка во Кина потсетува на калеидоскоп, менувајќи го целиот простор.
Изградена од „САКО архитектс“, градинката се наога во Тјаншуи, Кина, и има 483 парчиња од обоено стакло што доаѓаат во десет различни бои. Поставени се над стаклените врати, прозорците, ходниците и скалите, па ентериерот добива различни нијанси веднаш штом сончевата светлина ќе се пробие низ прозорците.
Спротивно на тоа, во ноќните часови екстериерот е прекрасно осветлен од светлината што доаѓа од шарените стакла однатре.
Архитектите пишуваат дека во текот на денот сонцето влегува во училниците преку обоените стакла и формира шарени светла и сенки, предизвикувајќи ја креативноста и имагинацијата на децата. Кога ќе падне мрак, светлата испуштени од внатрешноста на зградата создаваат импресивна сцена.
Архитектонската компанија што ја изгради градинката вели дека заоблените прозорци што доаѓаат во различни големини и позиции ја прават архитектонската креација да изгледа како роденденска торта.
Друга карактеристика на зградата е мултифункционалниот атриум опремен со систем за греење на подот и климатизација.
– Овој простор може да функционира за различни активности во различни годишни времиња – пишуваат архитектите.
Архитектите поставиле и безбедно игралиште на горниот дел од покривот за децата да уживаат во прекрасниот поглед кон градот.
Извор
Фотографии: SAKO Architects