Во најраниот развој детето е целосно зависно од мајката. Здравиот развој на неговата личност во оваа фаза зависи исклучиво од неговите родители и резултат на тоа е неговата целосна доверба и сигурност да се потпре на нив. Со правилно воспитување без претерани фрустрации (кои предизвикуваат несигурност и недоверба) и без претерано задоволување повеќе од неговите реални потреби (што формира разгаленост на неговата личност), детето може во голема мера да се сочува од фиксација на овој степен на развој. Но, сопирањето на таа фаза на развој, кога е нормално детето да биде во центарот на вниманието на родителите, може да формира егоцентрична потреба која потоа цел живот ќе го оптоварува да мора да чувствува дека е во центарот на вниманието на другите луѓе и дека сѐ постои за нему да му се угодува.

Сеедно дали мајката го занемарува детето и со емотивно ранување кај него буди незгасена потреба за докажување на нејзината љубов или можеби детето претерано го разгалува наведувајќи го да се опива со чувството на сакање. Во двата случаи детето се наведува на формирање незгасната потреба за чувството дека е сакано. Една од најголемите современи препреки на правилното воспитување на децата се мајките кои не се поттикнати од вистинската љубов кон детето, туку од себично чувство. Ние не можеме да го цениме тоа што мајките чувствуваат љубов кон самите деца кога тоа самите не го избрале, бидејќи тоа едноставно е продукт на нивната генетика. Но, можеме да ги цениме врз основа на функцијата што тие им ја придаваат на своите чувства.

Ако мајката повеќе ги сака чувствата што ѝ ги предизвикува детето од самата личност на детето и неговите реални потреби, таа со својата незрела улога на своите чувства формира себичен однос кон детето, а не однос на вистинска љубов.

Таквата мајка тешко може да воспита дете како што треба бидејќи не може да ги поднесе фрустрациите од својата себичност кога детето го воспитува бидејќи тоа често подразбира детето да се буни и да плаче. За да избегне непријатни чувства, таквата мајка угодува на слабостите на детето, го разгалува и го прави и детето да биде себично. А непобедената себичност природно со текот на времето го води нејзиното дете во неблагодарност и депресија, бидејќи себичните мотиви се ненаситни. Мајките поттикнати од себично чувство не можат да поднесат детето да им плаче, дури и кога плаче само за мајката да угоди на неговите каприци. На пример, детето може со плачење да ја притиска мајката постојано да го носи в рака или да му дава нездрава храна. Мајката со непобедено себично чувство нема да има срце да им се спротивстави на таквите каприци, а тоа ќе биде на штета на детето, кое со тоа нема да научи да ги контролира своите желби. Често слабоста на родителите се гледа во попуштањето на детските каприци за слатки, кои поради високата концентрација на шеќер, се штетни за мозокот и имунитетот на детето. Мајките не се свесни дека преку тие слабости, кои тие ги нарекуваат љубов, се согласуваат на детската манипулација.

– Многумина толку им угодуваат на своите деца, што попрво ќе им дозволат да влетаат во каков било престап отколку да ги прекорат. Тие не можат да го поднесат плачењето на своите деца и затоа го задоволуваат секој нивен каприц и желба. Таквите родители си нанесуваат срам на себеси, а неволја на децата.

– Многу малку родители почнуваат рано да ги поучуваат децата на послушност. Обично детето ќе наполни 2 или 3 години пред родителите да започнат со воспитувањето, а дотогаш се воздржуваат од дисциплинирање мислејќи дека детето е премногу малечко за да може да слуша. Но, сето тоа време на самоволие се зајакнува кај малото дете и секој ден му е сѐ потешко на родителот да стекне контрола над детето. Немојте да им давате на децата што било ако плачат, дури и ако вашето нежно срце сака многу силно да го стори тоа, бидејќи ако еднаш добијат победа со плачење, ќе очекуваат тоа повторно да го направат…

Децата мораат да научат дека нивните желби не може да бидат задоволени доколку се поттикнати од себичност.

Во ниту еден случај мајката не би требало да му дозволи на детето да стекне предност над неа. Цврста, стабилна и смирена рака и љубезност ќе го увери детето во вашата љубов кон него. Но, доколку дозволите себичноста, самоволието и бесот да одат по свој правец во првите три години од животот на детето, ќе биде многу тешко детето да го потчините на здрава дисциплина.

Задржувањето во развојот на детето остава трагични последици врз самата личност на детето кога тоа ќе порасне. Реалната детска потреба за доверба во помошта на родителите се трансформира во префрлање на другите луѓе да ги задоволат неговите потреби, додека реалната потреба за сакање и внимание од родителите се трансформира во незгасната психолошка потреба за чувство на сакање. Претераните очекувања од она што другите поединци и заедницата треба да ги направат за тоа лице доведуваат до губење на интересот да се разберат потребите на другите луѓе и волјата да се одговори на нив. Фрустрацијата од потребата за безбедност во таа фаза на развој може да остави трага во вид на страв и недоверба во подоцнежниот однос на таа личност кон другите луѓе. Незрелоста и задржувањето на развојот на возрасната личност на ниво на детето резултира со егоцентрични очекувања, кои веќе не е можно да се задоволат, не само затоа што нема веќе кој да ги задоволи, туку затоа што самите егоцентрични очекувања по својата природа се ненаситни. Затоа е важно да се сфати значењето на правовременото воспитување. Доколку децата не ги победат својата желба и своите каприци како малечки, тие под други форми ќе ги изразуваат и кога ќе пораснат.

Резултат од фрустрацијата на каприците кои веќе не е можно да се задоволуваат е константната нота на депресија и неблагодарност. Крајниот резултат на задржување на првата фаза на развој во социјалниот однос е неблагодарна и депресивна личност, за која другите луѓе не постојат како личности со свои потреби. Тие постојат само како извор за нејзина забава, задоволување на нејзината љубопитност и нејзината психолошка потреба да се чувствува дека е во центарот на нивната љубов, грижливост и внимание.

Автор: Милош Богдановиќ

Извор



912

X