Овие посети, кои до минатата година беа дел од годишните програми на училиштата и се реализираа со физичко присуство, годинава се значително намалени, а оние што се одржуваат – се онлајн

– Драги ученици, многу ни недостигавте овде, во Собранието. Пред пандемијата овие ученички посети се реализираа со физичко присуство, но овој пат мораме на овој начин да ве прошетаме низ Законодавниот дом, преку „Зум“. Кога немавме пандемија, децата се сретнуваа и со пратеници, како и со претседателот на институцијата. Се надевам дека за брзо време ова ќе помине и во живо ќе дојдете да ни го видите Собранието – вака вработената им се обрати на учениците од неколку одделенија во училиште во Бутел, кои неодамна беа во виртуелна посета на оваа институција. Овие посети, кои до минатата година беа дел од годишните програми на училиштата и се реализираа со физичко присуство, годинава се значително намалени, а оние што се одржуваат, се одржуваат на овој начин – онлајн.

Технички проблеми

„Се извинувам, не ми дава опција да вклучам камера, не гледам што ни покажувате. Јас не ја гледам обиколката. Не ве слушаме што ни зборувате“, беа само дел од реакциите и коментарите на учениците.

Вработената воведуваше ред во комуникацијата и ги водеше низ просториите. Им објасни на децата како да го вклучуваат и исклучуваат тонот за да им биде полесна комуникацијата.

– Времето ни тече, а вие треба да одите на друг час. Затоа, да не го губиме времето на звукот. Слушајте ја обиколката. Сега ќе влеземе во Собранието и ќе научиме нови работи. Кренете рака ако сакате да прашате нешто. За Собранието има многу видеа, филмови. Многу работи ќе ви раскажам за него додека трае овој час – рече вработената.

Таа им раскажа дека зградата е изградена во 1938 година и им покажа дел од старата и дел од новата архитектура.

– Проектот е направен од чешки архитект и зградата била изградена за брзо време. Во 1941 година, кога почнала Втората светска војна, овде бил сместен Генерал-штабот на фашистичките окупатори, но во 1945 година, кога Македонија се ослободила, овде била сместена целокупната власт на Народна Република Македонија. Овде се наоѓале и Собранието, и Владата, и првиот формиран суд. Можеби некој од вас еден ден ќе стане пратеник – им рече таа на учениците.

Децата ја видоа просторијата длаборез на претседателот на Собранието и се воодушевуваа додека ја разгледуваа на своите телефони и компјутери.

– Длаборезот е од 1938 година, а го изработиле тетовски резбари. Денес ова просторија е ставена под заштита на Унеско. Од 1991 до 1999 година оваа просторија ја користеше претседателот на државата. Овде сега работи претседателот на Собранието, кој пречекува делегации, министри, амбасадори – им беше објаснето на децата.

Екскурзии и посети на институции нема

Од почетокот на пандемијата во училиштата е забрането да се реализираат екскурзии и други посети со физичко присуство, односно дозволено е да се оди на излет на оддалеченост од пет километри, и тоа во мали групи и без да се користи јавен превоз. Директорката на училиштето „Христијан Тодоровски-Карпош“, Мирјана Алексова, потврди дека посетите во институции и екскурзиите годинава се ограничени поради пандемијата.

– Во протоколите од Министерството за образование пишуваше дека екскурзија може да се реализира само ако локацијата не е подалеку од пет километри. За посета во Собрание и ние како училиште добивме покана, па ако има согласност од наставниците и родителите, виртуелна посета ќе се реализира. Инаку, во годишната програма, според насоките од МОН, сме ставиле дека во услови на пандемија може да се реализира полудневна екскурзија, но до пет километри оддалеченост, во мали групи и ако е убаво времето – вели директорката.

И нејзината колешка Светлана Масларевска, директорката на училиштето „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека сите екскурзии се исклучени, освен екскурзиите до 5 км.

– Има предвидено пролетен и есенски излет, и се оди пешки. Наши ученици во мали групи беа во посета на Зоолошката градина. Тоа се всушност само околу 10 дечиња кои доаѓаат на училиште со физичко присуство, или деца што остануваат попладне. Имавме и бесплатна посета на Зоолошката градина, па и тоа го искористивме. Во нормални услови имавме посети на планетариум, на сите јавни институции, музеи, но сега нема ништо од тоа – вели Масларевска.



912

X