Научниците од Универзитетот „Вестминстер“ се занимавале со строгоста на родителите и ги пронајдоа победниците. Според нивната анализа, тоа се јужноафриканските, италијанските и португалските родители.
За оваа студија разговарале со 18.303 деца и со нивните родители од 16 држави. Строгоста ја дефинирале како ограничување на децата и на нивната слобода за самостојно излегување на улица или за патување со автобус.
Според овој параметар, најопуштени се родителите во Финска и во другите скандинавски земји, како и во Германија. Од друга страна, 80 отсто од родителите во Јужна Африка мислат дека автомобил ќе им го удри детето, а во Италија и во Португалија процентот на загрижени родители е уште поголем.
Да бидат сами надвор кога е темно им е дозволено на децата во Данска, Финска, Шведска и во Јапонија.
Овие резултати се совпаѓаат и со рангирањето на земјите за детската благосостојба на УНИЦЕФ. Колку што е земјата подобро рангирана, толку е поголема самостојноста на децата во неа.
Бен Фаган Ватсон, еден од авторите на студијата, вели дека во ниско рангираните земји, покрај навистина лошо регулираниот сообраќај, родителите имаат и голем притисок да бидат совршени, а постои и склоност во сѐ да гледаат опасност.
Бен Шо, директот на Институтот за друштвена политика при Универзитетот „Вестминстер“, вели дека многу важно за здравјето на децата е да им се дозволи слободно и без надзор да се шетаат низ својата населба. Меѓутоа, утврдивме дека децата низ целиот свет наидуваат на ограничувања на слободата сами да одат на училиште, кај пријателите или на игралиште.
Како светли примери тој ги наведува Ротердам и Ванкувер, кои во центарот на политиката за урбанизам ги ставиле децата водејќи се од изреката: „Ако градот е добар за децата, ќе биде добар и за сите други“.