Без оглед на расположението на вашето дете, можете да сметате на една работа: тоа ќе плаче многу повеќе отколку што мислите. Но, еве нешто што може да ви помогне да ја задржите целата ситуација во одредена перспектива. Едно неодамнешно истражување објавено во „Џурнал оф педијатрикс“ открива во кои земји најмногу плачат децата.

Истражувачите составиле скала што укажува на нормален опсег на плачење кај бебињата во првите три месеци од животот и анализирале неколку други истражувања што вклучиле 8.700 бебиња низ светот. Тие сакале да дознаат повеќе за тоа колку плачат децата и дали има географска врска кога станува збор за плачењето.

Откриле дека бебињата плачат околу два часа на ден во првите шест недели. Времетраењето на плачењето постепено се намалува на околу еден час на ден.

Сепак, научниците заклучиле дека географијата игра голема улога во тоа колку ќе плаче секое бебе. Според резултатите, бебињата во Италија, Велика Британија, Канада и во Холандија плачат најмногу, додека бебињата во Германија, Данска и во Јапонија се особено тивки бебиња.

Не изненадува, децата што живееле во земјите каде што најмногу се плаче имале проблеми со грчевите, односно бебињата од Италија, Канада и Велика Британија најмногу имале колики, што може да се препознае по тоа што бебето плаче три часа дневно, најмалку три дена во неделата.

– Бебињата многу се разликуваат во тоа колку плачат во првите недели од животот. Постојат големи, но нормални варијации. Можеме да научиме повеќе од набљудување на културите каде што има помалку плачење и дали тоа е поради родителството или други фактори поврзани со бременоста или генетиката – вели Дитер Волк, кој го спровел истражувањето.

– Новата табела за плачење ќе им помогне на здравствените работници да им кажат на родителите дали бебето плаче во нормален опсег во првите три месеци или покажува знаци на прекумерно плачење, кое може да бара дополнителна процена и дополнителна поддршка за родителите – додава тој.

Извор



912

X