Во Западна Германија во краток период биле родени три бебиња со деформации на рацете.

Бебињата биле родени помеѓу јуни и почетокот на септември оваа година, во болницата „Света Марија“ во Гелзенкирхен. Потекнуваат од таа област, а раководството на болницата забележува дека нема сличности кај семејствата на децата што би можеле да ги објаснат деформитетите.

– Во два случаи станува збор за деформитет на левата рака, бебињата имаат нормална подлактица, но дланките и прстите не се развиени. Кај другото дете станува збор за деформитет на десната рака. И кај него има неразвиеност на рацете и на прстите и покрај тоа што има нормално развиена подлактица – изјавуваат од болницата.

– Долго време не сме виделе ваков вид деформација. Тоа може да биде случајност, но сметаме дека овие три случаи мора да се истражат – додаваат од болницата.

Според статистичките податоци, помеѓу 1 и 2 отсто од децата се раѓаат со деформитети. Случајот стигнал до јавноста благодарение на акушерката Соња Лигет-Игелмунд, која работи во Келн. Таа за трите случаи во Гелзенкирхен дознала од другите акушерки. Забележува дека ваквите случаи се многу ретки, но смета дека ова е алармантно.

– За мене, ова е премногу. Три случаи во три месеци не е нормално – вели таа и додава дека дополнително контактирале уште неколку семејства во Германија чии деца биле родени со слични деформитети.

Од болницата истакнуваат дека деформитетите на екстремитетите за време на бременоста може да бидат предизвикани од инфекција или консумирање токсични материи. Другите можности вклучуваат синдром на стегање на прстенот, кога влакната од амнионската кесичка се завиткуваат околу фетусот, што предизвикува деформитети, или папочната врвца се завиткува околу феталните екстремитети.

Од министерството за здравство на покраината Северна Рајна-Вестфалија велат дека сериозно го разгледуваат случајот. Сакаат да утврдат дали е неопходно формирање на регистар.

Ова потсетува на 60-тите години од минатиот век кога германската компанија „Гринентал“ на глобалниот пазар го претставила седативот „контеган“, нов лек што бремените жени го земале против утрински мачнини и несоница.

Поради земање на лекот во текот на бременоста, се родиле илјадници деца со тешки деформации, а околу 10.000 новородени бебиња починале при раѓање.



912

X