Децата секогаш ги ставам на спиење во 19:30 часот. Поради тоа се посреќни, а можеби дури и поумни и поздрави.
– Се приближува летото, што значи дека наскоро ќе станам она чудовиште кое ги извлекува своите деца од социјалните настани неколку часа порано отколку што тоа го прават другите родители – пишува Мелинда Венер Мојер.
Нејзините деца, кои имаат две и пет години, секојдневно си легнуваат помеѓу 19:00 и 19:30 часот. Тие се посреќни и побезгрижни ако одат рано на спиење, вели таа, а научните истражувања потврдуваат дека раното легнување носи големи придобивки за физичкиот, емоционалниот и когнитивниот развој. Придобивките ги чувствуваат и родителите, кои имаат време да се релаксираат и да ја обноват енергијата.
Децата денес не спијат доволно. Повеќето родители на ученици им дозволуваат да одат на спиење по 21:00 часот. Но, ако вашето дете оди в кревет еден час подоцна од неговите врсници, тоа не значи дека ќе спие само еден час помалку. Всушност, колку подоцна оди на спиење, толку подолго ќе му треба да заспие. Не само што потешко заспиваат, туку и децата кои подоцна легнуваат почесто се будат во текот на ноќта. Оние деца што рано си легнуваат, не се будат порано, туку спијат просечно 27 минути повеќе секоја вечер.
Обновувачки сон е оној во вечерните часови и ако децата легнат доцна, ќе го пропуштат тој прозорец на време кога можат да извлечат најголема корист од спиењето.

Одморените деца се поинакви од ненаспаните. Наставниците, не знаејќи колку спиеле, ги оценуваат децата кои спијат доволно како помирни и попријатни. Едно истражување покажало дека ако дете на возраст од 8 до 12 години легне четири последователни ноќи порано на спиење, тоа ќе ги подобри неговата меморија и концентрацијата. Друго истражување покажало дека деца на возраст од две години кои не спијат доволно често стануваат осумгодишници со проблеми како агресивност и недостиг на внимание. Кај тинејџерите, повеќе сон значи помалку опасности од депресија.
И дебелината е еден од проблемите со кои се соочуваат ненаспаните деца. Всушност, дури и децата што спијат доволно, но легнуваат и стануваат подоцна, се под поголем ризик да бидат дебели. Биолошкиот часовник мора да се почитува, а научниците велат дека одложувањето на спиењето влијае врз хормоните лептин и грелин, кои ги регулираат апетитот и чувството на глад.
Експертите велат дека најдобар начин е да внимавате на однесувањето на детето помеѓу 16:00 и 18:00 за децата на претшколска возраст, или 17:00 и 19:00 за учениците. Дали се разиграни или нервозни? Ако забележите знаци на умор, тоа е сигнал дека треба да започнете да ги легнувате порано.
Добар метод е да започнете да ги ставате на спиење 20 минути порано неколку дена по ред. Ако лесно заспијат, тоа е знак дека треба да го промените распоредот.
Обезбедете им ограничено време за гледање телевизија и играње на телефони пред спиење, за да не им пречи на квалитетот на сонот.
Како да ги навикнете децата да одат на спиење во седум кога обврските често не го дозволуваат тоа? Експертите велат дека треба да направите некои компромиси и да се борите за секоја минута. Ако не можете да го промените времето на спиење за цел час порано, можеби можете да го направите тоа за 20 минути, и тоа ќе има големо значење за детето. Само пресметајте колку дополнителни минути сон ќе добиете на годишно ниво!
Секако, бидете подготвени и за тоа дека ќе ве нарекуваат „строги родители“ и дека ќе се лишите од социјалниот живот во вечерните часови, освен ако немате некој што ќе ви ги чува децата. Но, ако сакате дете кое нема да биде нервозно и дете кое ќњ учи подобро, тоа е жртвата што треба да ја поднесете.
Автор: Јована Папан
Извор
912