Родителите навистина се исцрпени, покажа најнова студија на мрежата Би-пи-ај во соработка со компанијата „Полифиш“ и терапевтот Нел Браун. Иако за многумина тоа не е изненадување, мајките што работат се особено погодени од стресот.
Речиси 30 отсто од родителите се согласиле дека одгледувањето деца во ситуација кога двата родители работат е еден од најголемите предизвици. Поради големиот број обврски, родителите се и физички и психички исцрпени.
„Родителскиот умор е состојба на физичка, ментална и емоционална исцрпеност“, вели Браун.
„Тоа е хронична исцрпеност која предизвикува проблеми со спиењето и концентрацијата, а може да доведе и до депресија, хронична анксиозност и болест“, додава тој.
Над 60 отсто од 2000 испитаници доживеале ваква состојба. 40 отсто од нив изјавиле дека таквата исцрпеност им влијаела врз квалитетот на животот. Освен тоа, 90 отсто од родителите рекле дека денес е потешко да се гледаат деца отколку кога тие растеле.
Топ-5 предизвици што влијаат врз родителството се социјалните мрежи, кога двата родители се вработени, емоционална дисфункција и дисфункција во однесувањето, преголеми очекувања и натпреварување, како и грижа за безбедноста во школото.
Врз исцрпеноста на родителите влијае и недостигот на соработка со децата или со тинејџерите, притисокот или исцрпеноста поради работата, финансиски грижи и ограничувања, премногу дигитални уреди, трошење време на друштвени мрежи, премногу обврски и активности за децата.
„Мораме да ги поддржиме родителите ако сакаме здраво општество и здрави деца“, заклучува Браун.
Тој им препорачува на родителите да им постават јасни граници на децата и да им дадат до знаење дека привилегиите како електронските уреди или излегувањата доаѓаат заедно со одговорноста, да ги вклучат во домашните работи соодветно на нивните години, да користат позитивен тон кога им поставуваат граници, а освен тоа, и сами да почнат да се занимаваат со активности во кои не се вклучени деца.