Пластиката од која се направени детските шишиња и приборот за јадење во одредени ситуации може да испушти многу опасни материи, предупредува Американската педијатриска академија (ААП).
ААП објави алармантни информации за родителите: пластичната амбалажа од која пијат и јадат децата не смее да се користи во микробранова, ниту да се мие во машина за садови.
Во текстот се наведува листа со опасни материи, како што се бисфенол А (БПА), фталати и стирен, кои можат да се најдат во процесот на пакување на храната и тие можат да бидат особено опасни за новороденчињата и децата, па треба да ги избегнувате.
Меѓутоа, најшокантното откритие на ААП е опасноста од загревање и машинско миење на пластичниот прибор за храна. Загревањето на пластиката може да доведе до испуштање на БПА во храната. Затоа е побезбедно млекото и храната да не се загреваат во пластична амбалажа, затоа што и пластиката на која е назначено дека нема БПА, сепак, содржи одредена количина од овие материи.

Родителите што користат пластични шишиња знаат дека понекогаш е многу напорно рачно да се мијат шишињата, но опасностите што овие шишиња можат да ги предизвикаат при загревање се сериозни: влијаат врз развојот на мозокот и мускулите, врз појавата на дебелината, аутизмот, проблемот со вниманието и хиперактивноста.
Се наведува дека и супстанциите што се наоѓаат во храната, како што се вештачки бои и конзерванси, исто така негативно влијаат врз здравјето на децата.
Со оглед на тоа дека Американската агенција за храна и лекови (ФДА) сѐ уште нема право одново да ги преконтролира производите што веќе добиле одобрување и кои се пуштени во промет, таа се справува со овој проблем така што ја информира јавноста за потенцијалните опасности и препорачува приоритет при купувањето храна да бидат свежо или замрзнато овошје и зеленчук, да се избегнуваат преработки од месо и готова храна, а да се користи стаклена амбалажа и прибор од не’рѓосувачки челик, како и да се избегнува пластиката колку што е можно.



912

X