За родителите не постои поголем предизвик од сценариото кога детето почнува да бара внимание преку негативно однесување. Ова сценарио обично стапува на сцена на најнесоодветни места. По можност јавни, пред погледите на сите. Колку повеќе љубопитни очи, толку подобро.

Исцрпувачки е и фрустрира и секогаш се случува во незгодно време. Но, секој ден милиони родители ги водат своите деца на јавни места, без никакви проблеми и компликации. Децата се однесуваат најдобро што можат, а родителите, поради нивното добро однесување, едноставно цветаат. Потоа, тука се и родителите што водат непрестајна битка со своите деца за да ги смират бидејќи тие постојано бараат „негативно внимание“.

Во која категорија спаѓате? Како да го решиме и конечно да го запреме тој круг на несакано однесување со кое се бара внимание?

Најважно: Откријте зошто постои барање на внимание преку негативно однесување

Поставете си го прашањето: Зошто моето дете така се однесува?

Децата многу често се водат од мислата – внимание, какво и да е внимание. Често не прават разлика помеѓу негативното и позитивното внимание. Истражувањата покажале дека некои деца поминуваат сè на сè седум минути во текот на денот со своите родители. Замислете, само седум минути! Ако имате само толку кратко време на располагање за луѓето што најмногу ви значат, зарем не би се обиделе на секој можен начин да добиете барем дел од нивното внимание?

Најважната родителска задача е да се пронајде причината – зошто се случува тоа. Каде се наоѓа тоа нешто што на детето му служи како поттикнувач на несакано однесување. Како да препознаете дека вашето дете бара внимание? Ова се неколку видови однесувања што укажуваат на тоа:

– Детето намерно повредува друго дете, за на крајот да биде херој;
– Детето се преправа дека е болно за да добие внимание;
– Детето е премногу драматично;
– Детето се наметнува како лидер во секоја група;
– Детето глуми дека е премногу зафатено со цел да ги воодушеви другите со својата способност сè да заврши;
– Детето се прави дека е жртва во секоја ситуација.

Напоменуваме дека е важно да препознаете доколку е потребно да се обратите за помош ако зад таквото однесување стои некаква траума. Сепак, во повеќето случаи можно е со разговор да се реши ситуацијата со детето и да му се објасни, на разбирлив начин за него, зошто секое внимание не е добро внимание.

Зајакнете го детето

Погрижете се детето да се чувствува сигурно и безбедно. Погрижете се детето да знае дека нема да биде заборавено и дека вие сте тука што и да се случи. Обидете се да не гледате на проблемот како на нешто негативно и нерешливо. Бидете позитивни бидејќи тоа е шанса повеќе да се поврзете со детето. Дури и ако некаде погрешите, секогаш постои шанса грешката да се поправи. Децата се трансформираат со внимание и нежност бидејќи љубовта секогаш била и ќе остане придвижувач и решение. Со љубов и внимание децата се прифаќаат себеси и добиваат самодоверба.

Неколку совети како да го зајакнете детето:

Позитивен – афирмативен разговор со детето и фокус на позитивното

Секое дете што бара внимание со лошо однесување, всушност, се чувствува несигурно, непријатно во својата кожа. Важно е да го уверите детето во најважните работи. На пример, одвреме-навреме кажете му колку го сакате, колку ви значи. Можеби мислите дека тоа се подразбира, но децата мора да знаат колку ги сакате, колку и да е таа љубов неопислива.

Исто така, кога ќе видите дека детето направило нешто како што треба, пофалете го, охрабрете го и дајте му до знаење колку се гордеете со него. Одете и прегрнете го. Обидувајте се фокусот секогаш да ви биде на позитивните работи. Психолозите тврдат дека е важно да се насочи вниманието на доброто однесување на детето, а не на лошото. Фокусот треба да се отстрани од несаканото однесување, но фокусот од детето никогаш не треба да се отстрани.

Посветете му се на детето

Споменавме дека истражувањата покажале оти некои деца поминуваат само седум минути со родителите. Обидете се да не бидете тие родители. Постојат три вида внимание: позитивно, негативно и недостиг на внимание. Родителите би требало да го пронајдат балансот и да се обидат на децата да им посветат што повеќе позитивно внимание.

Како на децата да им посветиме повеќе време?

– Одвојте време само за децата – тоа значи дека треба да поставите временска рамка која ќе биде само за вас и вашите деца. Без компјутер и телефони или каква било друга активност што ви го одзема вниманието.

– Погрижете се времето што го поминувате со децата да биде забавно – вратете се назад во детството и играјте си како деца. Друштвени игри, посета на музеј, правење нешто заедно.

Дозволете му на детето да има само свое време

Како што е важно времето што го поминувате со детето, исто така е важно и на детето да му дадете простор да има време за себе. Запомнете, вие сте родител, а не директор на детскиот живот. За децата е многу важно да научат да го регулираат своето време. Постои време кога тие треба да бидат ваш главен фокус, но исто така постои и време кога тие не треба бидат ваш главен фокус. И тоа е сосема во ред.

Времето кога децата не се во фокусот на родителите може да го поминуваат како сакаат, доколку е безбедно, се разбира. Децата тогаш можат да бидат во своите соби и да си играат, да го искористат сето она што им е на располагање во нивната соба. Важно е да научат да ја победат досадата и да се забавуваат самите, да не зависат од никого.

Заборавете на грижата на совест, но не и на правилата

Родителот мора да знае дека однесувањето на детето често не е одраз на родителството. Тоа е факт кој е подложен на заборав. Кога детето ќе направи сцена во јавност, родителот го гризе совеста и се чувствува уште полошо бидејќи е мета на погледи. Се засрамува, а токму тоа е моментот кога треба да се сети дека тоа однесување не е одраз на неговото родителство. Родителот го учи своето дете и може да го научи, но повторно, детето одлучува дали ќе го употреби тоа знаење. Родителите треба да направат листа со правила што децата можат да ги следат. Правилата и нивната примена треба да бидат доследни. Доследноста е клуч во речиси сите животни аспекти. Правило што секое семејство треба да го воведе е – не прекинувај и не пречи, почекај го твојот ред. Некогаш децата се обидуваат да ги надвикаат сите околу себе, да прекинуваат на половина реченица, па затоа мора да ги научат принципите на успешна и добра комуникација. Погрижете се да го почитуваат тоа правило.

Однесувањето што е последица на нагонот за барање внимание е многу предизвикувачко, не само за родителите, туку за целото семејство. Не откажувајте се! Тоа е многу важно бидејќи сè може да се надмине со разговор и љубов. Резултатот од трудот и трпението ќе биде тоа што вашата врска со детето ќе стане уште подобра.

Две минути за целосна промена

Кога ќе видите дека детето западнало во магичен круг на барање внимание, имајте го на ум следното:
– Сетете се дека на таквото однесување треба да дадете смирен и сталожен одговор.
– Реагирајте мирно и дајте му до знаење дека неговото однесување не е соодветно во моментот.
– Поместете го детето – физички тргнете го од ситуацијата, некаде на сигурно место каде што може да се смири.

Долгорочен план за родители

Трпение и доследност. Па уште една доза на трпение и доследност. Па уште една. Тоа е рецептот и планот за промена на однесувањето на детето. Важно е да се држите до правилата.

Секогаш имајте на ум дека е сосема во ред да се чувствувате исцрпено и изморено. Имате секакво право да се чувствувате така. Погрижете се да најдете и некој вентил за себе. Всушност, само позитивноста, упорноста и трпеливоста ќе направат сè да биде во ред. Родителството е игра без граници, а доброто во таа игра е што вие ги одредувате правилата.



912

X