Воспитување

Влијанието на екранизмот врз развојот на децата

            Екранизмот е работен термин кој веќе неколку години е присутен во професионалните кругови на логопеди, психолози, специјални едукатори и рехабилитатори и други сродни професии. Би можеле да го окарактеризираме како зависност, а последиците од екранизмот како нарушување предизвикано од оваа зависност. Пред да се развие зависноста, нервниот систем на детето е престимулиран со редовното и прекумерно изложување на екранот. Ова предизвикува хроничен стрес во мозокот, што резултира со различни нарушувања во учењето, говорот, однесувањето, расположението и вниманието.

            За малите деца, особено оние на возраст до 3 години, развојот се случува брзо. Овој период се нарекува период на ран развој и тогаш мозокот интензивно се развива, се случуваат големи промени на ниво на нервниот систем, мозокот е најподложен за учење на нови вештини, како движење и стекнување говор. Малите деца учат така што ја истражуваат својата околина и ги гледаат возрасните во нивните животи и потоа ги имитираат. Прекумерното време на екранот може да ја спречи способноста на детето да ги набљудува и искусува типичните секојдневни активности со кои треба да се вклучи за да научи за светот.

            Развојот на децата се стимулира со интеракција, а не со содржина од телефони и таблети. Ако, сепак, екраните се составен дел од воспитувањето на детето, тогаш тие многу влијаат врз развојот на говорот, и тоа негативно. Неповолното  влијание се гледа во тоа што, пред сѐ, постои ограничена интеракција со родителите и другите возрасни и деца од околината, што негативно влијае врз социјалниот развој на децата. Неконтролираното користење на екраните во детството доведува и до проблеми со вниманието, кое е неопходно за развој на говорот.

            Покрај неповолното влијание на екраните врз говорот, тие имаат и штетно влијание врз развојот на видот, како и врз моторниот развој, бидејќи детето е постојано изложено на сина светлина и е моторно неактивно, а главна задача на детето е да игра и да биде во движење, за на овој начин да го запознае светот околу себе и да ги развива компонентите еднакво, па затоа често се случува детето да се етикетира дека има некаква попреченост или аутизам.

            Децата што прекумерно користат екрани, големи се шансите да го развијат говорот доцна бидејќи не се соодветно стимулирани. Времето што треба да се помине во интеракција со родителите, играње, слушање приказни, прелистување сликовници, некои деца, за жал, го поминуваат пред екранот. Како прво, овие деца имаат многу ниско т.н. аудитивно внимание, што им отежнува да го разберат говорот на околината. Кај децата што имаат ниска способност за разбирање на говорот и кај кои говорот се развил доцна, јазичните вештини ќе се развиваат со доцнење, што ќе резултира со тешкотии во учењето кои ќе се манифестираат во училишниот период. Ќе се појават тешкотии во читањето и пишувањето, ракописот ќе биде нечитлив (поради неактивност на рацете и недоволно развиена моторика), тешкотии на социо-емоционално ниво (често се мисли дека детето има аутизам) и детето ќе има слаби академски достигнувања што ќе резултираат со недостиг на самодоверба, анксиозност и појава на тантруми, при што често овие деца имаат потреба од третмани кај психолог, дефектолог, логопед.

            Децата на рана возраст не треба да поминуваат повеќе од еден час пред екраните, а потребно е да се поттикне сознавањето на светот, играта, читањето, раскажувањето приказни. Децата на оваа возраст треба да бидат физички активни најмалку 180 минути дневно, во различни видови физичка активност со кој било интензитет, од кои најмалку 60 минути се со умерен до јак интензитет. На оваа возраст спиењето е исклучително важно, па затоа децата треба да спијат од 10 до 13 часа на ден.

Автор: м-р Марина Крстиќ, специјален едукатор рехабилитатор, магистер по образование на надарени и талентирани

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top