Децата на разведени родители немаат исто искуство. Без разлика каков бил разводот, тој различно влијае врз децата. Разводот на родителите е класична причина за претпубертетска бунтовност и тинејџерска апатија. Но, како влијае разводот врз многу мали деца што воопшто не се сеќаваат на него?
Експертите се согласуваат дека децата што се многу мали не ги разбираат целосно последиците од разводот, но можат да доживеат стрес.
Стресот, а не разводот, предизвикува негативни последици
– Стресот има ефект во која било развојна фаза. Лошиот развод може да предизвика стрес на ниво на токсичност. Иако дете од една година не сфаќа што значи развод, може и тоа како да го почувствува стресот – oбјаснува д-р Џарет Патон, педијатар.
Последиците од рана изложеност на стрес се многубројни. Истражувањата покажуваат дека особено лошиот развод може долгорочно да влијае врз здравјето на децата. Децата од разведените семејства живеат пократко, имаат послаб имунитет во повозрасна доба и почесто настинуваат. Стресот, а не разводот, е двигател на негативниот исход. Едно истражување од раните 90-ти години покажува дека каков било семеен конфликт, без разлика дали завршува со развод или не, е силно поврзан со здравјето на децата подоцна во животот.
Стресот што се јавува поради лош развод може уште потешко да ги погоди малите деца. Тинејџерите подобро ги разбираат односите, а тоа може да им помогне во борбата против стресот, но помалите деца мислат дека тие се виновни за разводот на родителите.
Со пријателски развод може да се избегне стресот кај децата
Важно е да се знае дека разводот, ако родителите постапат одговорно, не мора да биде извор на трауми за ниту едно дете, од која било возраст. Начинот на кој се решава разводот прави голема разлика во севкупното здравје и развојот на детето. Лошиот развод кој го става детето во центарот му создава голем стрес. Пријателскиот развод или оној што го ослободува детето од семејни расправии може да биде позитивен за развојот на детето.
При многу лоши односи меѓу родителите, како оние со семејно насилство или отворена емотивна злоупотреба, стресот кај детето е на високо ниво. Разводот може да помогне во создавањето стабилна околина со помалку стрес, што може да биде корисно. Сигурно е дека и малите деца се во опасност од последиците од лошиот развод. Родителите, со правилно советување, можат да избегнат вакви ситуации. Идеално би било советувањето да започне пред да почне процесот на разводот и да продолжи и по завршувањето на постапката.