Властите во Индија истражуваат зошто ниту едно девојче не се родило во повеќе од 100 села во индиската северна област Утаркаши, во државата Утарканд, во последните три месеци.

Според официјалните податоци, од 216 бебиња родени во последните три месеци во 132 села во регионот не било забележано ниту едно девојче. Во 16 од овие села ниту едно девојче не било родено во последните шест месеци.

Премиерот на сојузната држава Утарканд, Тривендра Синг Рават, вели дека е шокиран од податоците и нареди истрага за ова прашање.

Државниот официјален претставник Ашиш Чауан изјави дека владата ги идентификувала областите каде што бројот на родени девојчиња бил нула или едноцифрен и дека ги следат за да откријат зошто.

– Ќе биде спроведено детално истражување за да се идентификува причината – изјави Синг Рават.

Индиските семејства често претпочитаат машки деца поради многу културни причини, вклучувајќи и наследство на имотите на синовите, преселување на жените во домот на сопругот по бракот и плаќањето мираз за своите ќерки.

Премиерот изјави дека владата планира да преземе правни мерки против семејствата за кои ќе се утврди дека намерно ја прекинале бременоста откако дознале за полот на детето.

Индија го забрани селективниот абортус на женските фетуси во 1994 година и наметна парични казни и затворски казни за оние што се прогласени за виновни за кршење на законот. Сепак, практиката останува, особено во делови од земјата што имаат потрадиционални родови ставови.



912

X