Секоја бабица знае дека детето не се раѓа како празна табла. Здравото дете веќе има свој темперамент кога ќе се роди, тврдел академикот и психијатар Владета Јеротиќ.

Како што рекол тој, Хипократовата поделба на темпераментите на холеричен, сангвистичен, меланхоличен и флегматичен е неправедно запоставена. Хипократ живеел 500 години пред Христа и зборувал за овие четири темпераменти, кои, објаснил Јеротиќ, постојат и денес.

-Искусните бабици понекогаш можат да го препознаат темпераментот на детето веднаш по неговото раѓање. Тоа е нешто со кое сме родени и не се менува – рекол Јеротиќ.

Тој сметал дека секој од нас може да има чист темперамент или мешавина на темпераменти.

-Како и темпераментот, така и интелигенцијата е нешто што е вродено. Во текот на животот го зголемуваме знаењето, а не интелигенцијата. Иако не е целосно објаснето дали интелигенцијата е наследна, знаеме дека таа не се менува во текот на животот – тврдел академикот.

Но, човекот е суштество кое е дадено и зададено. Она со што сме родени – генетиката, родителите и земјата во која ќе се родиме, не е нешто што можеме да го избереме.

-Значи, некој е роден во Швајцарија, која не војува 200 години, а некој е роден на Балканот, каде што има војни на секои 20 или 30 години. Дали е тоа случајност? – прашал Јеротиќ.

Тој во едно од неговите предавања рекол дека многу работел со млади луѓе на возраст од 15 до 25 години кои се свртеле кон криминал и зависност од дрога, дури и со оние што не биле на работ на законот, но имале психички проблеми или како што тоа се нарекува во психијатријата – гранични случаи.

-Сите тие тврдат дека нивните родители се виновни за ситуацијата во која се наоѓаат. Па, делумно се. Виновни без вина. Тие млади ми прикажаа такви примери на родители кои се расправале, па се помирувале, се мразеле, па ме прашуваа: „Па докторе, чудо ли е што јас сум ваков?“ Можев тогаш да им се приклучам, а потоа заедно да ги обвинуваме родителите, за да им олеснам, но никако. Затоа што психотерапијата трае долго, но на крајот психотерапијата успева само ако им простиме на родителите – изјавил во една пригода Владета Јеротиќ.

Тој рекол дека треба да разбереме оти и нашите родители имаат родители и дека потекнуваат од некоја средина, па се такви какви што се. Но, дали треба да останеме такви докрај?

-Сега тука доаѓа зададеното на човекот. Дадени ни се генетиката, родителите и местото на раѓање, но акцентот е ставен на посветеноста, на нашиот труд, на работата на себе. Тоа е процес во кој стануваме она што сакаме да бидеме – рекол Јеротиќ и додал дека она што е важно на тој пат е несвесното што го носиме во себе.

Како што вели, патувањето во несвесното е она што нѐ открива. И секое дете се раѓа со нешто добро и со нешто лошо во него. Кај некого доброто е посилно, а кај некого лошото.

-Американските научници веруваат дека се на пат да докажат оти потенцијалот да станеш алкохоличар, зависник од дрога, убиец, самоубиец, силувач, да бидеш неверен во бракот е всушност вроден – рекол Јеротиќ и објаснил дека кога специјализирал психијатрија, се зборувало оти алкохолизмот не е наследен, туку дека е модел на однесување што синот го учи од својот татко.

Ана Фројд, ќерката на Сигмунд Фројд, говорела за „идентификување со агресорот“, а академик Јеротиќ наведува примери кои се блиски до нашата околина, тврдејќи дека ќерките ги сакаат своите татковци, какви и да се, а дека синовите најчесто се идентификуваат со нив.

-Значи имате татко алкохоличар, кој ги злоупотребува семејството, децата и ќерката, па утре кога таа ќе се омажи – и нејзиниот сопруг ќе се претвори во алкохоличар, иако можеби не бил додека се забавувале. Синот на таков татко, додека расте, се расправа и се бори против својот татко и таквото однесување, а потоа кога ќе порасне, е ист кон својот син – објаснил Јеротиќ, наведувајќи го примерот на рускиот владетел Сталин, чиј татко бил алкохоличар кој го малтретирал своето семејство.

Ова, истакнал академикот, не е правило без исклучок, но таа идентификација со агресорот е нешто за што мораме да бидеме свесни за да бидеме подготвени да работиме на себе.

Извор



912

X