Владата на Обединето Кралство ги отфрлила повиците за воведување закон со кој се забранува удирање на децата во Англија. Многумина повикуваа оваа форма на злоупотреба на децата да биде забранета во таа земја.
Имено, физичкото казнување на децата е забрането во Велс, Шкотска и Џерси. Добротворните организации апелирале и Англија да ја следи таквата практика.
Додека Владата потврдила дека нема да го промени својот став, портпаролот на Министерството за образование истакна дека не одобрува никакво насилство врз децата и дека постојат јасни закони за да се спречи тоа.
Сер Питер Ванлес од Националната фондација за спречување суровост кон децата изјавил: „Не е во ред што е нелегално во оваа земја да се удира возрасен, а еднаква заштита не им се дава и на децата. Мораме да ја ставиме благосостојбата на децата на прво место и да ја спречиме оваа аномалија“.

Според истражување во кое учествувале речиси 3.000 луѓе постари од 18 години, две третини (68 проценти) се изјасниле дека се против физичкото казнување на децата.
Истражувањата покажале дека физичкото казнување често го влошува однесувањето на детето. Според трудот објавен во „The Lancet“, каде што се разгледувани резултатите од 69 студии спроведени на оваа тема, физичкото казнување не е поврзано со никакви позитивни резултати за децата и го зголемува ризикот децата да доживеат сериозно насилство или занемарување.