За некои родители периодот кога децата се враќаат на училиште е луд и преполн со обврски – купување работи за на училиште, облека и сè што следува со почетокот на учебната година. Еве ви решение: побарајте од децата да ви помогнат и на тој начин ќе ви се намали стресот и ќе ги охрабрите да се вклучат во обврските.
– Кога ги вклучуваме нашите деца во подготовките за на училиште, им помагаме да преземат поголема одговорност за нивното образование во училишната година. Исто така, тие нема да бидат во шок првиот училиштен ден кога ќе сфатат дека летниот одмор заврши – вели д-р Дебора Гилбоа, експерт за детски развој.
Таа дава водич, соодветен за возраста, за тоа како можат да помогнат децата во училишните подготовки.

Деца од предучилишна возраст и градинка

Дури и најмладите ученичиња можат да помогнат во планирањето на подготовките. Заедно создајте шопинг-листа, а можете и да му дадете задача да бара работи низ вашиот дом што би му биле од корист. Така ќе имате шанса да почнете да го учите вашето дете на важни лекции.

Деца од прво до четврто одделение

Учениците што се на почетоците од основното образование исто така можат да бараат работи низ домот што би можеле да им бидат од корист, но можат да ви помогнат и во некои други задачи. Така, на пример, тие можат да ја организираат нивната облека така што ќе ја распоредат во три групи: првата група е облека што може да се носи, втората група е облека што детето може да ја носи, но не ја сака, а третата група е облека што му се смалила.

Деца од петто до деветто одделение

Децата на оваа возраст можат да направат многу повеќе работи од помалите деца, па така можете да им дадете буџет што треба да го потрошат на училишни материјали и облека. На тој начин ќе ги научите како да управуваат со пари.
Исто така, тие можат да создадат распоред за извршување на домашните задачи, одење на воннаставни активности и период за спиење и будење.

Средношколци

Средношколците треба да планираат колку што е можно повеќе – од ручекот, домашните задачи и купувањето училиштен материјал до распоред за учење.



912

X