Бременоста е едно од најпосебните, но и најнепредвидливите искуства во животот. И покрај сите прочитани книги и совети, одредени детали никој нема да ви ги каже, сè додека не застанете на прагот на породилната сала.
Еве листа со најважните реални вистини што секоја идна мајка треба да ги знае пред големиот ден:
Што навистина ве очекува во породилната сала?
- Породувањето не е филмска сцена: Заборавете на драматичните сцени каде што сè завршува за 5 минути. Породувањето, особено првото, може да трае и повеќе од 24 часа и најчесто започнува многу тивко.
- Контракциите не изгледаат секогаш исто: Тие можат да наликуваат на силни менструални грчеви, болки во долниот дел на грбот или чувство на притисок кон тоалетот.
- Првото ЦТГ може емотивно да ве допре: Чувството кога го слушате силното чукање на срцето на вашето бебе додека имате болки е вистинска емоционална лавина, тогаш сфаќате дека сè се менува.
- Во породилиштето нема приватност: Поголемиот дел од времето ќе бидете соголени пред медицинскиот персонал, а понекогаш и пред студенти или други родилки. Подгответе се за тоа и фокусирајте се на себе.
- Воденикот не пука одеднаш: Водата може да истекува полека со часови. Доколку се двоумите, веднаш контактирајте го вашиот лекар.
- Епидуралната анестезија е опција, но не и гаранција: Покрај вашата желба, понекогаш поради брзината на породувањето или медицински причини, епидурална анастезија може да не се аплицира. Информирајте се за сите можности однапред.
- Дефекацијата за време на напоните е нормална: Поради притисокот на бебето, ова се случува многу често. Иако кај нас рутински се прави клизма, медицинскиот персонал е целосно навикнат на ова и нема простор за срам.
- Љубовта на прв поглед не мора да се случи: Доколку не почувствувате моментална огромна поврзаност во првата секунда, тоа не ве прави лоша мајка. Поради исцрпеност и шок, емоциите кај многу мајки доаѓаат постепено.
- Вашето тело е посилно отколку што мислите: Без разлика на болките, епизиотомијата или евентуалното пукање, вашето тело поседува неверојатна сила да го помине целиот процес докрај.
- Чувството на гордост е незаменливо: Без разлика дали раѓате природно, со царски рез, со или без епидурална анестезија, моментот кога првпат ќе го видите своето бебе го менува целиот свет засекогаш.