Ново канадско истражување открива дека лекарите можеби со години го потценувале бројот на деца со висок крвен притисок, со што децата не добиле соодветен ран третман
Американската академија за педијатрија пред десет месеци претстави порестриктивна дефиниција за високиот крвен притисок кај деца. Исто така, академијата создаде многу поедноставна шема за да им помогне на лекарите брзо да одлучат дали крвниот притисок на детето е во рамките на нормалниот опсег.
Зошто е опасен
Иако децата со висок крвен притисок често не ги забележуваат здравствените проблеми, ако не е третиран, тој може да ги оштети бубрезите и да предизвика долгорочно оштетување на крвните садови, што може да доведе до рани срцеви напади и удари.
Децата со висок крвен притисок се со поголема веројатност да имаат прекумерна тежина или да се дебели, да имаат висок холестерол и индикатори на преддијабетес.
Променета дефиницијата за хипертензија кај деца
Во новото истражување канадските истражувачи разгледале како ревидираната дефиниција за хипертензија ќе влијае врз одреден примерок на деца. Тие ги набљудувале вредностите на крвниот притисок на повеќе од 15.000 деца, кои генерално биле здрави, на возраст помеѓу 5 и 18 години. Овие деца учествувале во долгорочното здравствено истражување помеѓу 1999 и 2014 година.
Истражувачите откриле дека состојбата на 5,8 отсто или 905 деца или требало да се класифицира како хипертензија или да биде рекласифицирана во категорија за висок ризик.
Не значи дека сите ќе пијат лекови
Водечкиот истражувач д-р Силија Ро од детскиот истражувачки институт во Манитоба изјави дека наодите на нејзиниот тим укажуваат на тоа дека здравствениот ризик на многу деца бил потценет. Таа вели дека е важно рано да се дијагностицира високиот крвен притисок и да се забележат акутните проблеми со бубрезите, како и да се преземат чекори за да се спречат долгорочните проблеми со срцето.
„Не мора да значи дека децата треба да земаат лекови, туку дека треба да имаат здрав начин на живот, редовно вежбање, следење на телесната тежина и здрава исхрана“, вели таа.