Дебелината, проследена со исхрана со доста лоши масти и шеќери и многу слаба физичка активност, е најчеста причина за појава на висок крвен притисок кај децата. Денес овој проблем е сè почест. Добрата вест е дека хипертензијата во повеќето случаи поминува сама од себе, кога детето ќе влезе во пубертет, кога ќе порасне и ќе го изгуби вишокот килограми. Во некои случаи, ако нема подобрување, може да предизвика проблеми и негативно да влијае врз работата на срцето и состојбата на крвните садови.

Зошто децата страдаат од хипертензија?

Хипертензијата може да биде примарна болест, но и последица од претходно заболување на бубрези, надбубрежни жлезди или стеснување на аорта. Преваленцата на детската хипертензија пораснала, според глобалните податоци, од 75 на 79 отсто во периодот од 2000 до 2015 година, а во блиска врска е и со индексот на телесна маса. Според светските податоци, преваленцата на хипертензија во детската популација се движела од 4,32 отсто на возраст од 6 години, до 3,28 отсто во возраст од 19 години.

– Не постојат многу прецизни податоци за тоа колку кај нас децата боледуваат од хипертензија. Најчеста причина за појавата е слабата физичка активност, по што доаѓа до низа процеси кои може да го попречуваат нормалниот развој на детето и да доведат до метаболички промени кои може да предизвикаат покачен крвен притисок. Тоа со себе повлекува и друг фактор – дебелината. Децата сè повеќе јадат брза храна, со доста лоши масти и шеќери, по што се зголемува и телесната тежина кај нив. Со вишокот килограми доаѓа и до проблеми со хипертензија – објаснува професор д-р Драган Ловиќ од Србија.

Како се одредуваат вредностите на крвниот притисок кај децата?

Нормалниот крвен притисок на детето е помал во споредба со нормалниот крвен притисок на возрасните. Експертите наведуваат дека неговите вредности се одредуваат во однос на висината, возраста и полот на детето и дека нормално не се поголеми од 120 со 80 mmHg. Идеалниот крвен притисок е оној притисок што е потребен за крвта да се покрене од дното на левата срцева комора до врвот на мозокот, велат експертите. Поради тоа, висината се зема како параметар кога се интерпретираат вредностите на крвниот притисок. Како што расте детето, крвниот притисок брзо се зголемува, а најбрзо расте во пубертетот. Лекарите велат дека најголемиот пораст на крвниот притисок за околу 20 mmHg се бележи во првите 6 недели по раѓањето. Потоа следува незначително зголемување од 6. недела до крајот на првата година, додека од првата до петтата се бележи поголем притисок кај детето во просек за 5 mmHg.

Кои се симптомите на крвен притисок кај децата?

Врз основа на некои симптоми некогаш може да се посомнева во постоење покачен крвен притисок кај најмладите, а може и детето да има хипертензија, а да не постојат никакви знаци кои би упатувале на тоа.

– Не се докрај испитани сите причини поради кои може да дојде до раст на крвниот притисок. Постојат и други фактори. Симптомите врз чија основа може да се посомневате на висок крвен притисок кај децата се крвавење од нос, нервоза, потење, главоболки. Присутни се и асимптоматски случаи, кога нема ниту еден сигнал кој укажува на хипертензија – нагласува д-р Ловиќ.

Хипертензијата некогаш е само „детска болест“

Крвниот притисок е поголем кај момчињата отколку кај девојчињата, особено по 6. или 7. година. Врз формирањето на крвниот притисок на оваа возраст влијаат генските фактори, но и ухранетоста и чинителите од надворешната средина. Добра вест е дека хипертензијата некогаш може да биде „детска болест“ и потоа, за време на растот и развојот, да исчезне.

– Покачен крвен притисок во детството може да настане сам од себе. Тоа е предноста на децата во однос на возрасните. Децата растат, влегуваат во пубертет, кој со себе повлекува и некои други процеси, па можно е детето кое имало висок крвен притисок подоцна воопшто да го нема овој проблем. Со здрава исхрана и физичка активност, состојбата брзо се нормализира и многу полесно и побрзо се поправа отколку кај возрасните – нагласува д-р Ловиќ.

Крвниот притисок се менува со порастот на тежината кај децата

Последиците од нелекувањето на високиот крвен притисок кај децата се исти како и кај возрасните, а како што наведува д-р Ловиќ, состојбата може негативно да се одрази врз работата на срцето, крвните садови, бубрезите.

– Не можеме со сигурност да тврдиме дека детето што имало висок притисок ќе го има тој проблем и доцна како возрасен. Се случува зрели луѓе да дојдат на преглед, а никогаш да не мереле крвен притисок – вели д-р Ловиќ.

Експертите велат дека е нормално крвниот притисок да се менува со годините и со порастот на телесната маса, па тоа и значи дека воспоставувањето единствен број за систоличко и дијастоличко покачување на крвниот притисок е тешко, особено на млада возраст. Истражување од пред неколку години на Институтот за здравствена заштита на мајките и децата во Република Србија укажува дека повеќе од половина од заболените деца имале покачена телесна маса. Во Србија, според некои процени, има 10 пати повеќе дебели деца отколку пред 50 години.

Автор: Данијела Тадиќ

Извор



912

X