Светските медиуми сè повеќе зборуваат за новиот, опасен вирус што пристигнува од Кина, а Светската здравствена организација даде препораки како да се заштитите.

Коронавирусот (2019-nCoV) првпат се појави во кинескиот град Вухан, а досега зарази над 500 луѓе. Научникот Лео Пан, кој прв го открил вирусот, смета дека тој најпрво се појавил кај животни, а потоа им бил пренесен на луѓето, пренесува Си-ен-ен.

– Она што го знаеме досега е дека предизвикува пневмонија и дека не реагира на антибиотици, што нè изненади – рече Пан, експерт за вирологија на Универзитетот во Хонг Конг.

Бидејќи во 2003 година предизвикувачот на акутен респираторен синдром познат како САРС беше исто така од семејството Коронавиридае, СЗО изработи краток водич за запознавање на луѓето со новиот вирус.

Еве неколку работи што треба да ги знаете за коронавирусот:

Што е коронавирусот?

Коронавирусите се голема група вируси што се јавуваат кај животни. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во ретки случаи може да се пренесат од животни на луѓе и таквите вируси научниците ги нарекуваат зооносис вируси.

Симптоми на коронавирусот

Коронавирусот ги напаѓа горните дишни патишта и се манифестира со симптоми слични на настинка: течење на нос, кашлица, болки во грлото, а често и главоболка и покачена температура што може да траат неколку дена.

За оние што имаат послаб имунолошки систем, старите и малите деца, постои шанса вирусот да предизвика посериозни респираторни заболувања, како пневмонија и бронхитис.

Исто така, постојат и неколку коронавируси за кои се знае дека може да бидат смртоносни за луѓето, а тоа се:

Блискоисточен респираторен синдром познат и како МЕРС. Првпат бил пријавен на Блискиот Исток во 2012 година и предизвикува респираторни проблеми, но неговите симптоми се многу потешки. Три до четири од 10 пациенти заразени со МЕРС ја губат битката.

Акутен респираторен синдром – САРС, е уште еден коронавирус што може да предизвика потешки симптоми. Според СЗО, првпат бил идентификуван во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Вирусот предизвикува респираторни проблеми, но може да предизвика дијареја, замор и проблеми во работата на бубрезите. Во зависност од возраста на пациентот, стапката на смртност од САРС се движеше до 50 отсто од случаите, при што постарите беа најранливи.

Како се шири коронавирусот?

Вирусот се пренесува преку контакт меѓу човек и животни. Научниците од СЗО сметаат дека МЕРС потекнува од камили, додека САРС се претпоставува дека потекнува од мачки.

Овие вируси се пренесуваат од човек на човек преку секретите и во зависност од тоа колку е агресивен вирусот, тој може да се пренесе со кашлање, кивање, дури и ракување. Вирусот може да се пренесе и со допирање на предмети што ги држело заразеното лице, особено ако потоа ги допирате устата, очите или носот.

Медицинските работници може да се заразат преку медицински материјали што ги користел заразениот пациент.

Лекување на коронавирусот

Не постои специфичен третман. Во повеќето случаи симптомите исчезнуваат самостојно. Лекарите можат да ги ублажат симптомите со препишување лекови против болки или треска. Исто така, туширање со топла вода може да помогне при болки во грлото или кашлица. И, секако, многу течност, одмор и сон. Пациентите чии симптоми се влошуваат треба да се хоспитализираат.

Коронавирусот и бременоста

Кај бремените жени коронавирусите, како МЕРС и САРС, може да бидат особено опасни и да предизвикаат сериозни последици. Според истражување од 2014 година, бремените жени заразени со МЕРС може да родат мртво дете. Болестите поврзани со САРС се поврзани со случаи на спонтани абортуси, сериозни болести и смрт на мајките, покажало истражување направено во 2004 година.

Превенција

Сè уште нема вакцина за заштита од ова семејство на вируси. Во тек се испитувања за вакцина. Засега единствениот начин да се спасите од вирусот е да се спречи контакт со заразеното лице, како и избегнување често допирање на устата, носот и очите. Исто така, добро би било да ги миете рацете темелно најмалку 20 секунди.

Извор



912

X