Оваа студија првпат покажува дека видео-игрите во комбинација со фитнес-тренинг и мерач на чекори им помогнале на децата со прекумерна телесна тежина

Развеселете се љубители на видео-игри. Според најновото истражување на ЛСУ Педингтон центарот за биомедицински истражувања, тие можат да помогнат во подобрувањето на здравјето кај дебелите деца. Оваа студија првпат покажува дека видео-игрите во комбинација со фитнес-тренинг и мерач на чекори им помогнале на децата со прекумерна телесна тежина да изгубат дел од вишокот килограми, да ги намалат високиот крвен притисок и холестеролот и да ја зголемат физичката активност.

Д-р Аманда Стаијано, главен истражувач на студијата, вели дека децата што имаат прекумерна тежина и не се физички активни можат да развијат рани знаци на срцеви заболувања и дијабетес, можат секојдневно да се борат со астма, со ноќна апнеа и разни други психолошки и здравствени предизвици кои може да им ги донесат прекумерната тежина и дебелината.

– Екраните се насекаде во нашиот живот и тие се тука за да останат. Децата поминуваат половина од денот пред екраните. Барав начин како покрај овие екрани од паметни телефони, компјутери, телевизори и таблети да вметнете повеќе физички активности во животот на децата – вели д-р Стаијано.

46 деца, 4 видеоигри, бројач на чекори и фитнес-тренер

Студијата наречена GameSquad вклучила 46 деца на возраст од 10 до 12 години со прекумерна тежина или дебелина. Тие биле поделени во две групи – група на играчи и контролна група.
Групата деца-играчи, или гејмерската група била охрабрена да ги исполни здравствените препораки за 60-минутна дневна физичка активност. Тие добиле конзоли за видеоигри Xbox 360 и Kinect и четири игри (exergames): Fitness Evolved 2012, Just Dance 3, Disneyland Adventures и Kinect Sports Season 2. Биле замолени да ги играат овие видеоигри дома со еден пријател или со член на семејството во наредните шест месеци.
Тие, исто така, добиле и „книга за предизвици“ за да завршат три едночасовни играчки сесии секоја недела и Fitbit за да ги следат своите чекори секојдневно. Секое дете и родител или родители, исто така, учествувале и во редовни видео-разговори преку конзолата за видеоигри со тренер за фитнес од ЛСУ Пенингтон биомедицинскиот центар заради следење на нивниот напредок.

На членовите на втората група деца, т.н. контролна група, им било кажано да не менуваат ништо во своето вообичаено секојдневно однесување.

Дваесет и две од 23. семејства во гејмерската група ја исполниле шестмесечната задача, завршувајќи 94 отсто од играчките сесии и учествувајќи во 93 проценти од сесиите за видео-разговори.

– Кога не интервенирате кога детето има прекумерна тежина, често, со текот на времето, факторите за ризик за нивното здравје се влошуваат. Значи, за жал, не бевме изненадени кога видовме дека кај децата во контролната група се зголемувале крвниот притисок и холестеролот и се намалила физичката активност во текот на шестмесечниот период што им го дадовме – вели докторката.

Какви биле резултатите кај децата во гејмерската група?

– Децата од групата видео-играчи го намалиле својот индекс на телесна маса за околу 3 отсто, додека децата од контролната група го зголемиле својот БМИ за 1 отсто.

– Гејмерите го намалиле нивниот холестерол за 7 проценти, додека контролната група го зголемила холестеролот за 7 проценти. Со други зборови, децата во гејмерската група останале во здравиот опсег. Зголемувањето на нивото на холестерол во контролната група ги ставило децата во граничната категорија за висок холестерол.

– Гејмерите ја зголемиле нивната физичка активност за 10 проценти, додека контролната група ја намалила физичката активност за 22 отсто.

– Кај гејмерите се зголемила нивната самоефикасност и се зголемила нивната верба во личната контрола и во физичка активност придружена со вежбање.

 



912

X