Џеси Трулов од Мисури, САД, вели дека се соочила со осуда од луѓето околу неа откако ги родила двете ќерки со царски рез.

– Пред бременоста не знаев колку негативни конотации се поврзани со царскиот рез, сè до моментот кога сама не се уверив во тоа. Моето породување беше тешко. Раѓав 26 часа, и на крај завршив со царски рез. Но, без оглед на тоа што жените ќе одлучат за породувањето на нивните деца, на крајот на краиштата, ние сме само мајки кои се обидуваат да излезат од болница со здраво бебе и во тоа не треба да има никаков срам – без оглед како го направиле – пишува таа.

Храбрата мајка објави видео на „Инстаграм“ во кое ги охрабрува сите мајки што поминуваат или поминале царски рез, а нејзиното видео стана вирално. Таа споделува неколку клипови од операционата сала за време на царскиот рез, а потоа ги покажува првите неколку часа по операцијата. Секој исечок е надополнет со силни пораки.

– Вие сте војници. Создадовте живот. Го донесовте тој живот на свет, најдобриот начин за вас и за вашето бебе. И тука нема простор за осуда и срам. Само љубов, поддршка и гордост. Не постои лесен начин да се роди бебе. Горда сум на вас. На сите мајки. На себеси – пишува таа.

Тивката стигма со која се соочуваат многу мајки

Не е изненадување што нејзината објава привлече многу мајки кои изјавија дека се соочуваат со негативни коментари, а некои од нив дури биле осудени затоа што се породиле со царски рез.

– По породувањето со царски рез се чувствував виновна и не можев да сфатам зошто. Ти благодарам за ова – напиша една мајка во коментарите.

– Царскиот рез не е лесен. Раѓањето е секогаш исто толку убаво и исто толку болно, без оглед во која форма е – напиша друга.

Во својот последен инстаграм-пост, Џеси ја допира и темата за закрепнувањето по царскиот рез и траумата со која се соочуваат многу мајки.

– Моите лузни се потсетување на тоа колку сум силна, но тие се тука и за да ме потсетат на тоа колку сум поврзана со мојата мајка, ќерките и илјадниците жени што се бореа додека се породуваа и донесоа живот на овој свет – пишува таа.

Извор



912

X