Знаеме дека нашите деца нè слушаат кога им кажуваме нешто. Слушаат кога ќе им кажеме да го исклучат телевизорот, но се преправаат дека не сме кажале ништо; слушаат кога ќе им кажеме да ги тргнат чевлите што ги оставиле таму каде што не треба, но тоа не ги поттикнува да го сторат; слушаат кога ќе им кажеме дека ни требаат само 5 минути мир, но тоа не значи дека ќе го добиеме. Секако нè лути кога знаеме дека одбиваат да нè слушнат!
Но, кога ќе ги слушнеме нашите зборови од нивните усти… Освен што тоа малку ќе нè налути бидејќи потврдуваат дека всушност нè слушале, сите знаеме дека ќе попуштиме и ќе простиме сè. Една мајка, која со години води профил на социјалните мрежи наречен „Приказна за овој живот“, снимила видео со своите три девојчиња во кое тие кажуваат реченици кои ги потсетуваат на нивната мајка, а и кои ги слушаат од мајка им речиси секој ден.
На видеото пишува: „Ги прашавме нашите деца што зборува мама?“
Резултатот е смешен, особено затоа што секоја мајка може да се идентификува со повеќето од овие реченици.
-Само еден момент – вели Теса на почетокот на видеото, додека зборува на својот мобилен телефон, а потоа го спушта телефонот и вели:
-ШТО СЕ СЛУЧУВА?!
-Нема повеќе грицки! – одлучно вели Обри, додека се заканува со прст.
-Елиа! Мислам, Теса! Мислам, Обри! Слезете, како и да се викате! – ова насмеало многу мајки, кои знаат како е да не можеш да го запамтиш името на сопственото дете…
-Сакам да пробаш – цврсто вели Обри, покажувајќи кон чинијата со храна на масата.
Некои други реченици кои ги насмеале мајките затоа што се поистоветувале со нив се следните:
-Ќе се ослободам од сите овие играчки и ќе ги испратам во Гудвил! (хуманитарна организација)
-Ми треба кафе…
-Ако уште еднаш слушнам „мамо“, мама ќе полуди!
-Мислам дека нема да издржам… – вели со слаб глас додека зборува на телефон.
-Зошто воопшто се мачам да чистам?
-Сите тргнете се од мене само 5 минути!
-Нема повеќе пресоблекување во различни комбинации!
-Затоа што јас така реков!
Но, на крајот видеото завршува со посебна изјава, која е поважна од сите нив. Така, сестрите наизменично велат:
-Не постои ништо што можеш да направиш и ништо што можеш да кажеш што ќе ме спречи да те сакам.
Мајките кои го виделе видеото биле воодушевени затоа што се препознале во многу од овие реченици.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912