Мајка од Вашингтон се прославила по видеото на кое се гледа како го грабнува своето дете кое брка црна мечка во нивниот двор. Драмата била снимена од домашните безбедносни камери и објавена на социјалната мрежа „Тик-ток“ каде што има повеќе од 3 милиони прегледи.

На видеото се гледа како мала црна мечка трча по цементниот ѕид во нивниот заден двор. Детето ја гледа мечката и продолжува да ја брка. „Тоа е мечка!“, вреска малото девојче Џунипер додека трча кон животното. Мајката на Џунипер, Саманта Мартин, изјавила за „Фокс 13“ дека „кренала паника“ и истрчала да ја грабне Џунипер и да ја врати внатре.

„Тоа беше само мало бебе мече, но мојата најголема грижа не беше толку многу сконцентрирана на бебето, колку што ме загрижуваше тоа што не знаев каде е мајката и не знаев како ќе реагира кога ќе види дека две лица трчаат кон нејзиното бебе“, изјавила таа.

Мартин верува дека Џунипер сакала да ја види мечката откако научила од книга за идентификацијата на животни и дека мечките станале нејзини омилени животни. Што се однесува до бебето мече, Мартин изјавила дека побегнало откако изело семки од нејзиниот сега уништен сад за храна за птици, кој не планира да го поправи. „Ги сакам птиците, но исто така не сакам мечките постојано да доаѓаат во дворот, па затоа не ја враќам храната во садот“, изјавила Мартин.

Според Службата за национални паркови на САД, ако наидете на мечка, треба да останете мирни, да застанете и полека да мавтате со рацете за да може мечката да ве препознае како човек.

Автор: Аша С. Гилберт

Извор



912

X