Tарин Мери Стејскал, невропсихолог, поминала две децении истражувајќи ја отпорноста како вештина. Додека патувала низ светот, родителите често ѝ приоѓале и ја прашувале како да ги искористат нејзините откритија за да воспитаат издржливи и отпорни деца.
Стејскал и самата е мајка. Таа дошла до заклучок дека постои една вештина што го подигнала нивото на самодоверба и издржливост на нејзините деца. Таа ги научила како добро да се грижат за себе.
„Нашата улога како родители не е да ја отстраниме грижата од животот на нашите деца, туку да им дадеме алатки за управување со анксиозноста и стравот“, рекла таа, споделувајќи совети како да го направат тоа родителите, особено ако децата се во паника.
Најдете време за грижа, а потоа опуштете се
Наместо да им кажувате на децата да не се грижат, организирајте време кое ќе биде посветено на грижа.
„Поставете тајмер на пет минути и замолете го детето да размисли за секој аспект од неговата грижа. Може дури и да ги запише сите негови грижи. Потоа, кога ќе истече времето, замолете го детето да се ослободи од грижите и да не размислува за нив, а повторно ако почне да се грижи, потсетете го дека времето за грижа поминало и дека дури утредента може повторно да се справува со тоа“, предлага невропсихологот.
Направете кутија за грижи
Стејскал советува да направите кутија или тегла за грижи која детето ќе ја украси. Може да го запише она за што се грижи на парче хартија и да го складира во кутијата или теглата. Објаснете му на детето дека повеќе не мора да се грижи за тоа што го мачи бидејќи е заклучено во кутија.
Детето нека го замисли најлошото сценарио
Кога детето ќе се вознемири, прашајте го што е најлошото нешто што може да се случи. Ова ќе му помогне на детето да се чувствува посигурно, бидејќи ќе сфати дека најлошиот замислен исход не е толку лош како што си мислело.
Детето нека го замисли и најдоброто сценарио
Децата имаат тенденција да ги замислуваат најлошите исходи, па затоа поттикнете ги да се фокусираат и на позитивните. Овој пристап ги учи децата да имаат побалансиран мисловен процес.
Истакнете ги позитивните резултати
Ако детето е загрижено за нешто, почекајте да заврши искуството. Многу е веројатно дека сè ќе помине одлично и на тој начин детето секогаш ќе има нешто на кое ќе може да се присети, што може да му помогне да се чувствува посигурно и поотпорно во иднина.
912