СТЕМ-учењето не е нов начин на учење, туку во последните години му се придава поголемо внимание, што е сосема оправдано со оглед на тоа дека светот сè повеќе се темели на технологија.

Што е СТЕМ-учење?

СТЕМ-учење претставува интердисциплинарен пристап на учење кој ги отстранува традиционалните бариери. Наспроти традиционалното учење кое ги раздвојува науката, технологијата, инженерството и математиката гледајќи ги како посебни дисциплини, СТЕМ-учењето ги интегрира во целина претставувајќи релевантни искуства на учење за учениците. Терминот СТЕМ е кратенка од:

– Science – Наука,
– Technology – Технологија,
– Engineering – Инженерство,
– Mathematics – Математика.

Клучното значење на самиот поим е фокус на интеграцијата на овие области, како и конкретна примена на наученото по пат на решавање проблеми.

Кои се целите на СТЕМ-учењето?

Целите на СТЕМ-учењето се јасно дефинирани и подразбираат помош на учениците да функционираат и да напредуваат во високиот технолошки свет. Освен тоа, акцентот е ставен и на поврзаноста помеѓу дисциплините, бидејќи примената на овие идеи им овозможува на учениците да се стекнат со продлабочени концептуални сфаќања. Со самото тоа, им се дава можност да развиваат вештини кои може да се применат во различни сегменти. Со интеграција на дисциплини, учениците сфаќаат дека за да дојдат до решение, би требало да имаат знаења и вештини од областите кои се меѓусебно поврзани и испреплетени.

Кои се основните принципи на СТЕМ-учењето?

Основен, односно клучен принцип е фокусираноста на интеграцијата. Во тој случај полесно ќе им помогнеме на учениците да ја уочат поврзаноста помеѓу поимите. Исто така, акцентот е на тоа да ги поврзат концептите кои им изгледаат како неповрзливи. Следен важен принцип е утврдувањето на релевантноста, каде што задачата на учителот е да им објасни на учениците зошто научените вештини и знаења се корисни. Потоа следува ставањето акцент на вештините на 21 век. Тука треба на учениците јасно да им се даде до знаење дека е неопходно креативно да се решава проблемот и да се соработува со другите. Предизвик е еден од принципите кој дејствува исклучително мотивирачки на учениците. Всушност, треба да им се постават предизвици кои не се толку едноставни, па зададената активност да не им биде здодевна, но истовремено и да не бидат толку тешки за учениците да се откажат уште на почетокот. Важно е да им дадете можности за учење кои користат пристапи засновани на проблемите и пристапи засновани на проектите.

Кога се работи за пристапите кои се основаат на проблеми, учениците треба да осмислат креативни решенија за зададениот проблем. А кога се во прашање пристапите засновани на проекти, учениците можат да изберат како ќе дојдат до производот, односно до крајното решение кое е показател за нивното учење.

Зошто е важен концептот на СТЕМ-учењето?

За разлика од традиционалното учење, клучна компонента на СТЕМ-учењето е интеграцијата. СТЕМ-лекциите се добро заокружени и засновани се на проекти и прашања, а акцентот е на интердисциплинарното учење. Всушност, СТЕМ е усогласен со начинот на кој ги решаваме проблемите во секојдневието. Со овој начин на учење се стекнуваат вештини, на начин кој ќе се користи како на работното место така и во животот генерално.

Со оглед на тоа дека СТЕМ го одразува реалниот живот, сосема е логично да придонесува кон подобрување во учењето. Бидејќи работите во реалниот свет се интердисциплинарни, задачата е да ги научиме децата како предметите се интегрираат и заеднички се решаваат. Благодарение на овој начин на учење, кај децата се развиваат и вештини, но и страст за учење и напредување. Наместо да помнат факти, задача на учениците е критички да размислуваат и да проценуваат информации. СТЕМ опфаќа сет на вештини клучни за образование во 21 век, а тоа се: креативност, соработка, критичко размислување и комуникација. А најзначајно од сè е тоа што СТЕМ-концептот придонесува кон развој на љубовта кон учењето, а тоа е клучна работа за мотивација на секој ученик.

СТЕМ-учење во рано детство

СТЕМ-учењето е многу важно во раното детство, а се заснова на развивање љубопитност и поставување различни прашања. Сето тоа можете да го реализирате низ игра. Кај детето можете да воведете клучни СТЕМ-вештини без да забележи и тоа така што ќе го научите да: соработува, поставува прашања, развива креативно размислување, решава едноставни проблеми, открива нови начини нешто да направи. Со самото тоа што го поттикнувате детето да поставува прашања, му препуштате активна улога при учењето и му помагате да го сфати светот со кој е опкружен. Не заборавајте дека секогаш кога детето ќе постави прашање, тоа развива вештина за критичко размислување. Така што наместо веднаш да му одговорите на прашањето: „Зошто?“, обидете се со потпрашања да го наведете самото да дојде до одговор, односно до решение.

Како да ги заинтересирате децата за СТЕМ-учење?

СТЕМ-учењето може да биде забавно за децата и можете да ги заинтересирате за различни активности. Со самото тоа што децата поминуваат време надвор, скокајќи по вирчиња или допирајќи дрвја, тие всушност се вклучуваат во ран облик на откривање на сето она што ги опкружува. Доволно е да го прашате детето што мисли, како се создала водата во вирчето, а потоа врз основа на неговиот одговор, прашањата и забелешките ќе ги ниже само по себе. Можете да одите и чекор понатаму и заедно да направите куќичка за птици, кукли или гаража за нивните автомобилчиња. На тој начин кај нив развивате вештини. Најдобар начин со кој ќе поттикнете СТЕМ-учење кај децата е поттикнување на љубопитноста. Важно е од мали да ги поттикнувате децата да истражуваат додека си играат. Истовремено е важно да ја откриете навреме нивната страст кон нешто и да ги насочувате во тој правец. Можностите се бескрајни.

Освен во раното детство, па подоцна во градинка, и во основното и во средното образование, СТЕМ-учењето ќе им помогне на децата да станат иновативни, зрели луѓе со развиено критичко размислување, како и вештини потребни за решавање проблеми. Токму тие вештини се неопходни за идните генерации, со оглед на тоа дека светот сè повеќе се темели на технологија.

Автор: Славица Бијелиќ

Извор



912

X