На почетокот од месецов Норвешка го забележа најтоплиот ден во својата историја. Во овој период од годината температурите обично се под нулата, но овие денови достигнуваат до невидени 19 степени во западниот дел на земјата.
Порастот на температурите значи и дека нема да паѓа снег, па затоа главниот град Осло беше принуден на граѓаните да им обезбеди вештачки снег, за децата да не се досадуваат во текот на зимските месеци. Активностите како лизгање и скијање се особено популарни меѓу младите, а недостигот на природен снег се заканува дека ќе ја загрози забавата на голем дел од населението.
Во шумата Оестмарка веќе почнале со работа шест машини за снег, а некои градинки размислуваат да воведат снежни топови за децата да можат да прават снешковци на одморите.
– Зимата без снег е многу досадна за децата- истакнува Ине Каваленг, шеф на градинка во Осло.
Само едно палење на снежниот топ чини 608 евра, но тоа е цена што норвешките власти се подготвени да ја платат за да опстане зимската идила.
Бројот на снежните денови се преполови во последните 120 години. Само 50 дена исполнети со снег со дебелина околу 30 сантиметри се очекуваат до 2050 година. Причината за овие промени е глобалното затоплување.
Норвешкиот метеоролошки институт истакнува дека мора да продолжат да се применуваат мерки за приспособување на климата, која ќе продолжи да станува потопла.
– Во Јужна Норвешка зголемувањето на температурите може да предизвика летни суши, а постои ризик од шумски пожари. Дождовите ќе бидат засилени, со што може да бидат предизвикани поплави и да се загрозат земјоделските култури – се вели во предупредувањето на веб-страницата на институтот.
Зошто се проблем послабите врнежи од снег?
Норвешка е дом на зимски спортови. Како што истакнува Фрод Плејм, шеф на норвешкиот „Гринпис“, отсуството на снег ги погодува луѓето.
– Можеби ќе звучи како излитена фраза, но скијањето во Норвешка е исто што и чајот за Британците. Снегот е дел од нашата културолошка ДНК – вели тој.
Норвешкиот „Гринпис“ бара владата да се позанимава со климатските промени, посочувајќи внимание на фактот дека Норвешка е седма во светот според емисијата на јаглероден диоксид.
„Snø“ е првиот затворен ски-центар во земјата, отворен овој месец во Осло за дополнување на зимската сезона. Внатре температурите се од -2 до -4 степени, но за некои клиенти скијањето во затворен простор е бесмислено.
– Трагично е затоа што не одите да скијате за да бидете затворени – вели операторот на тури Ен Мари Солберг.