Нашата цел е промоција и негување на македонските автори, македонската музика и нашата култура, вели Ирена Крстевска-Стевановска

Фестивалот на детски песни „Весело штурче“ – Штип повторно се враќа на сцена. По долгогодишна пауза, песната ќе се пушти на сет глас.
Како што велат иницијаторите на возобновувањето на фестивалот, Филип Стевановски и Ирена Крстевска-Стевановска, автентичноста на фестивалот повторно ќе се препознава по детските хитови, професионалната организација и реализација и освојување на срцата на најмалите и најмили љубители на музиката.
Фестивалот ќе се одржи во септември во Штип, а на децата ќе им даде нови композиции за убавините на детството, сказните, толеранцијата, бајките.
А право на учество имаат сите талентирани деца од 6 до 12-годишна возраст.

Што ве мотивира да го возобновите „Весело штурче“?

– Овој фестивал го отсликува нашето детство и едно време кога музиката имаше вистинска вредност. Оттаму дојде идејата за негово обновување, а со цел децата да ги запознаат вистинските вредности на музиката, а нормално и ново создавање на македонска музика, односно едно будење на нашите автори на македонска музика, со тоа сите ние, а и децата да знаат што претставува музиката, настапот на сцена и слично.

Од каква важност е постоењето на овој фестивал? Какво позитивно влијание ќе изврши врз децата?

– Како што кажавме, фестивалот има голема важност за сите нас, ни буди спомени на едно прекрасно детство и прекрасни вредности кои ги имавме во времето на „Весело штурче“, обновувањето на Фестивалот ќе биде со истите вредности и истиот професионален начин на подготовка и реализација.
Знаеме дека во денешново време децата се премногу вклучени во виртуелниот свет, односно премногу користат мобилни телефони, таблети, лаптопи и сл. Сакаме да ги оттргнеме од виртуелниот свет и да ги насочиме кон нешто што претставува музика, фестивал, настапи на сцена, снимање во студио и слично. Треба да ги учиме децата дека постојат и други вредности.

Какво дополнување сакате во светот на децата?

– Сакаме да допреме до секое дете преку музика, песна, позитивна мисла и креација на нова македонска музика. Сакаме светот на децата да биде исполнет со музика, нова музика и песни кои ќе го одбележат нивното време и нивното детство, како што ние растевме со прекрасна музика, а и ден-денеска ги пееме песничките од „Весело штурче“.

Во каков фестивал претендирате да прерасне?

– Од самиот старт, со преземањето на правата за организација на фестивалот од господинот Стојан Троицки, кој всушност го има направено и основано и кој за нас претставува една огромна поддршка во целата организација на фестивалот, се стремиме кон фестивал кој нема да биде само во Штип, туку ќе ја разбуди целата држава и на кој ќе настапуваат деца од целата земја. Со неговото обновување ќе се задржат сите вредности, начинот на работа и професионалната организација и пристап кон македонската музика.

Каква програма подготвувате?

– Во подготовка е официјалната веб-страница на Фестивалот www.veselosturce.mk, а на нашата официјална фејсбук-страница https://www.facebook.com/veselosturce се објавени два конкурси. Едниот е Конкурс за автори, односно композитори на музика и текст, каде што ќе можат да се пријават за учество на Фестивалот, а вториот е за учесниците, односно за деца од 6 до 12-годишна возраст кои треба да се пријават за аудиција, која мора да ја поминат за да учествуваат. И двата конкурса ќе бидат отворени до 10 јуни и очекуваме да се пријават сите автори од нашата држава, како и учесници од повеќе градови. По завршувањето на конкурсите, уметничкиот совет и организацискиот одбор ќе ги одбираат песните и учесниците. Потоа следува снимањето на песните, подготовката на хорот на фестивалот, сценски настапи и подготовка за настап на сцена. Повеќе детали ќе откриеме во иднина.

На каков интерес наидовте од авторите на композиции и децата?

– Фестивалот во минатото имал позитивно влијание врз децата и родителите и сите што нѐ контактираат со нетрпение чекаат да се пријават. Мислам дека ги разбудивме децата и родителите, а најголема поддршка очекуваме од авторите.

Каков ќе биде процесот на подготовка на децата изведувачи?

– Фестивалот на песни за деца е во организација на ЗКУН Уметност за сите Штип, директор е музичарот Филип Стевановски, а претседателка на организационен одбор сум јас. Уметничкиот совет на фестивалот е составен од реномирани музичари и професори. Зад Фестивалот стои еден тим од професионалци кои ќе ги подготвуваат учесниците.

Зошто е важно да се развива детската музичка култура?

– Кога се гради куќа, се гради од темел. Нашиот темел за култура, уметност, наука, музика се нашите деца. Ако на децата од најрана возраст им се претстават вистинските вредности и ги водиме кон правиот пат на музиката и уметност, целата наша култура ќе се смени на подобро. Нашата цел е промоција и негување на македонските автори, македонската музика и нашата култура. Треба да ги учиме и насочиме децата кон вистинската уметност и култура.



912

X