Велигден или Воскресение Христово е најважниот верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на Исус Христос по неговата смрт со распнување. Сите христијани на овој ден се поздравуваат со поздравот „Христос воскресна“ на што се одговара „Навистина воскресна“. Главното одбележување на Велигден се вапсани јајца.

Љубовта, радоста, мирот, благодарноста, добрината, милосрдието се дел од основите на верата и се универзални вредности.

За христијаните, Велигден е празник на љубовта и мирот и симбол на триумфот на животот над смртта. Годинава, поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, тие го дочекаа празникот дома.

Отец Бобан Митевски, презвитер во Скопската епархија при МПЦ-ОА, на денешниот празник порачува во нас да остане чистотата што го краси детето.

– Во Новиот завет има еден момент кога при Христос пристапуваат деца, а возрасните ги одвраќаат, на што тој реагира со зборовите: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при мене, зашто на таквите е царството небесно (Матеј 19, 14). На друго место детската возраст, детскиот нарав со сите оние квалитети на незлобност и чистина, ги става како образец за тоа какви треба да бидат возрасните: Вистина ви велам: ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно; кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно (Матеј 18, 3-4). Слободно би рекол дека Христос нè повикува во односот кон гревот да бидеме како деца, не во смисла на немањето одговорност, не во смисла на онаа безгрижност и онаа несериозност која му доликува на детето, туку дека во нас треба да остане чистотата што го краси детето. Христовото воскресение е победа над гревот и смртта и со оваа победа Бог повторно ни ја даде можноста да стануваме и да бидеме деца во однос на гревот – вели отецот.

За вистинските вредности, чиј дел е изгубен во модерното време во кое живееме со брзо темпо, на кои не треба да се сетиме само за празници, го прашавме и Дејан Донев, професор по етика и биоетитка на Институт за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој објаснува колку е важно да ги учиме децата од најмали да ги негуваат вистинските вредности, да се емпатични и да бидат добри луѓе.

– Идејата на постоењето на моралот секогаш била е и ќе биде пренос, усвојување и унапредување на вредностите од постарите кон помладите, кои треба да ги прифатат и практицираат, а со тоа и да ги унапредат. За истото потврда може да се најде и во самата еволуција на човечкиот род, односно доколку настане прекин на вредностите, „пука“ цивилизациската ципа и се случуваат негативни и индоленти дејства – објаснува проф. д-р Донев.

Затоа,според него, најважно е, освен моралното воспитување, во последно време како што и УНЕСКО препорачува, етичко образование, кое треба да помогне во брзиот трансфер и усвојување и надградба на тековните вредности кај најмладите и нивна изградба во поавтономни личности.

– Оттука, генерална препорака е иако многумина од општествените и хуманистичките науки не го признаваат тоа, развој на критичкото мислење преку кое од хетерономно суштество една млада индивидуа може да дорасне до автономна личност, ослободена од стегите на општествената репресија кон развојот на демократскиот дух. Во оваа насока е и развој на емпатијата или чувствувањето, ставањето во чевлите на другиот за да се спознае и другата страна, за да се направи двонасочна комуникација, за да се споделат вистинските чувства и информации. Оваа е патот, насоките за развој на човештвото денес. Просто, едноставно, но истовремено и многу тешко доколку се борите, барем во образовните институции, со закоравени системи, мислења, стигми… – вели професорот.



912

X