Ненадминливата Ведрана Рудан повторно нè насмеа со многу реална и вистинита приказна за родителството. Нема мајка што нема да се пронајде во нејзините зборови:
– Сакав бебиња повеќе од сè на овој свет. Мирисливи, два заба горе, два заба долу, дебели ножиња. Сакав кикотењето на моите бебиња да ми биде музика на гробот.
Кога ги добив децата, ја спознав љубовта. Не беше како што ја замислував. Кога во 3 наутро во детските креветчиња ќе ги здогледав своите „мртви“ деца, ги тресев додека не почнеа да врескаат. Сепак дишат! Каква среќа! Често умирав. Еднаш кога го изгубив син ми во стоковна куќа, другпат кога ќерка ми исчезна на плажа, стоти пат кога во 10 наутро го видов 20-годишниот син како се враќа од ноќниот живот, иако јас таа ноќ, додека вртев на броевите во болница, полиција и во мртовечница, десетпати бев на неговиот погреб.

Некои луѓе тврдат дека бебињата престануваат да бидат бебиња во осумнаесеттата. Во осумнаесеттата?
Каква глупост! Други се сигурни – децата престануваат да бидат деца кога ќе дипломираат, кога ќе најдат работа, кога ќе си заминат од дома. Тогаш повеќе не треба да се грижиш што јадат, кога јадат, дали јадат, дали навистина престанаа да пушат и да излегуваат без капа на главата во зима.
Моите деца дипломираа, се вработија, имаат свои деца, што никако не значи дека не се беспомошни бебиња. Седата коса на мојот син ништо не кажува за неговата возраст. Им се јавувам барем 3 пати дневно. Да не бев јас, не ќе знаеја дека денес попладне ќе има дожд, иако не изгледа така. Утрово уште во 6 им реков да си земат чадори. Тој ми се заблагодари, а таа ми рече дека ја тормозам. Како мислиш те тормозам? Јас те тормозам? Може ли мајка да ги тормози своите деца?

Тој мисли дека дете во 42-та година не е дете?! Таа мисли дека дете во 37-мата не е дете?! Јас ве родив, вие сте мои деца! Што готвеше денес? Ти знаеш дека треба да го исфрлиш млекото од исхраната и да го одведеш син ти на доктор? Блед е, можеби му недостига железо? Зошто би одела на психијатар, која е мајка на твојата најдобра пријателка, па нема ништо да ми наплати?

Бев на психијатар затоа што сакам да му покажам на моето дете дека го сфаќам сериозно. Кога мајката така се однесува кон своето бебе, ја зајакнува неговата самодоверба. Психијатарот ми рече дека сум мајка-квачка, премногу сум посесивна, не им давам на возрасни луѓе слободно да летаат. Возрасни луѓе? Мојот син да е возрасен, нема да оди на плажа без заштитен крем. Мојата ќерка да е возрасна, нема во кафуле да порачува „кока-кола“ со мраз. Сто пати ѝ кажав што е „кока-кола“ и како момците ги вадат коцките мраз од ледоматот. Со прсти. Постојат истражувања за тоа колку машките ги мијат рацете по одење во тоалет. Нула отсто. Истражувањата покажуваат дека во коцка мраз има повеќе бактерии отколку во веце-школката.
Психијатарот не ме разбира. Не е вистина дека сум мајка-квачка. Јас ги сакам моите деца и ја знам разликата меѓу љубовта и потребата за контрола! Ја слушнав како вика во слушалката: „Те молам, земи такси, немој ти да го возиш детето до градинка, знаеш дека не ти оди возењето. Каква врска има тоа што 25 години имаш возачка?“ Денешните деца не би смееле да возат. Сообраќајот е страшен.

Дали повторно би родила да го знаев ова што го знам денес? Секако. Ако бидам здрава и жива до 60-тиот роденден на мојот син и 55-тиот на мојата ќерка, животот ќе ми биде исполнет. Ќе легнувам преплашена, ќе се будам преплашена. Животот без љубов нема смисла.



912

X