Витаминот Д е клучен за здравјето на коските и забите на вашето бебе.

„Големиот недостиг на витамин Д може да доведе до болест на кршливи коски наречена рахитис“, вели д-р Лирман, педијатар од Мајами, додавајќи дека витаминот Д му помага на телото да го апсорбира калциумот и да го користи за градење и зајакнување на коските. Без него, детето е повеќе склоно кон фрактури и проблеми со растот.

На телото му е потребен и витамин Д за развој на мозокот и здравјето на имунолошкиот систем. „Витаминот Д е суштински за многу функции и тешко е да се внесе доволно без додатоци“, вели д-р Лирман.

Дали на доенчињата навистина им е потребен витамин Д?

Често слушаме дека мајчиното млеко е целосна храна, која содржи сѐ што му треба на вашето бебе. Но, тестовите покажале дека на мајчиното млеко му недостига витамин Д.

„Бебињата треба да добиваат витамин Д почнувајќи од првите неколку дена од животот. Ова е особено важно за доените бебиња бидејќи тие добиваат минимален, доколку го има, витамин Д од мајчиното млеко“, објаснува д-р Лирман.

Формулата за доенчиња содржи витамин Д, но тој не е доволен за помладите бебиња. „На бебињата што се хранат со вештачка формула им е потребна суплементација на витамин Д затоа што на почетокот не добиваат доволно млеко за да го надоместат тој витамин… штом почнат да пијат поголема количина, тогаш може да се исклучи дополнителната суплементација, но тоа прво мора да се одобри од страна на педијатарот“, предупредува докторот.

Дали бебињата можат да добијат витамин Д од сончевата светлина?

Не е доволно, особено во зима кога има помалку сончева светлина. А во лето не е добро бебето да се изложува премногу на силно сонце поради чувствителната кожа. Дополнителниот внес на витамин Д е побезбедна и посигурна опција. Но, тоа не значи дека треба да избегнувате сонце, секое изложување на сончева светлина има многу придобивки за целокупното здравје и расположение на вашето дете“, смета Лирман.

Кога бебињата можат да престанат да добиваат витамин Д?

Иако дневната администрација на витамин Д престанува по првата година, тоа не значи дека треба целосно да се исклучи бидејќи е многу важно за добриот имунитет на вашето дете, но немојте да го продолжувате сами, секогаш прво консултирајте се со вашиот педијатар.

Знаци на недостиг на витамин Д кај бебињата

Недостигот на витамин Д не е лесно да се забележи кај бебињата, делумно затоа што тие не можат да ви кажат како се чувствуваат. А заморот и болката во мускулите, симптоми на недостиг на витамин Д, се вообичаени симптоми и на неколку други состојби. Дополнително, знаците на недостиг на витамин Д може да се појават со месеци или години подоцна.

Но, лекарите можат да ги проверат нивоата на витамин Д на вашето бебе ако го забележат следново:

-чести болести или инфекции
-слаб раст
-чести фрактури на коските

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор



912

X