Новиот извештај на американската влада покажува дека 658 жени во САД починале за време на бременоста или набрзо потоа во 2018 година – што значи дека 658 семејства требало да се соочат со ужасна загуба, а 658 деца ќе живеат без да го осознаат допирот и љубовта на своите мајки. Бидејќи смртните случаи на мајките се предизвикани од состојби како што се срцеви заболувања, инфекции и постпартална хеморагија, во повеќе од половина од овие смртни случаи можело да се превенира.

Прво треба да се признае дека многу фактори влијаат врз безбедното породување на жените и бебињата. Основно е жената прво да има здравствено осигурување, но самото тоа за време на бременоста не е доволно. Квалитетот на негата што ја прима, типот на осигурување и местото каде што се породува се круцијални фактори кои помагаат во реализирање на процесот на породување и позитивниот исход. Затоа, социјалните фактори во голем дел влијаат врз жените за време на бременоста и породувањето. Ефектите од предрасудите во здравствениот систем во САД и системскиот расизам не може да се занемарат. Кога црна, едуцирана жена има неверојатни 243 проценти поголема веројатност да почине поради компликации во бременоста или породувањето отколку бела жена која никогаш не завршила ниту средно образование, мора да се прифати и да се укаже дека системот кој треба да им служи на сите, всушност, им служи на селектирани лица. Црните жени и жените од латинско потекло во бременоста и раните постпартални периоди умираат со стапка од три до четири пати повисока отколку белите жени.

Исто така, клучно е колку е жената здрава во текот на бременоста. Жените што влегуваат во бременоста со слаба исхрана, имаат пониска тежина или пак прекумерна, имаат поголем ризик од компликации, а и жените што се анемични се во групата на лица со поголем ризик. Со подобрувањето на физичкото, емоционалното и менталното здравје на жените целокупно, ќе се овозможи тие да влегуваат во бременоста со оптимално добро здравје, но тоа бара посветеност кон универзална, квалитетна примарна здравствена заштита. Здравата бременост не започнува со зачнувањето, започнува многу порано.

За среќа, центрите за контрола на заразни болести и превенција утврдуваат подобри начини за мониторирање на исходите од бременостите. Исто така, им даваат поддршка на регионалните перинатални групи за развој на квалитетни мерки за менување на состојбата. Дополнително, треба да се усвојат важни лекции од другите земји кои бележат подобри резултати на ова поле: важноста на бабиците во подобрувањето на мајчиното здравје и исходот.

Во Англија барем половина од сите бебиња се родени во рацете на бабиците, вклучувајќи ги и децата на принцезата Кејт и Меган Маркл. Во Шведска и во Финска, двете земји кои се на врвот во однос на акушерството, грижата за бремените жени секогаш е опфатена од страна на бабиците, а гинеколозите се вклучени само кај високоризичните бремености. Во САД, студија која се спроведувала пет години, утврдила дека во државите каде што бабиците се најмногу интегрирани во здравствената грижа, како Орегон, Вашингтон и Њу Мексико, исходите и за мајките и за бебињата се меѓу најдобрите.

Државите со мал број бабици и ниска системска интеграција на истите, како Алабама, Мисисипи и Охајо, имаат значително полош исход во однос на мајките и бебињата и нивното здравје.

Време е здравствените системи, легислативата, администрацијата и јавноста да го прифатат фактот дека интеграцијата на бабиците и целиот тој модел на давање здравствена нега на бремените жени ќе направи позитивна промена и за мајките и за бебињата.

Автор: Мишел Колинс

Извор



912

X