Како и сите други, и родителите прават грешки и понекогаш прават работи за кои подоцна се каат. Она што е важно е да ја препознаете грешката и да се извините за неа, особено ако сте направиле нешто што на некој начин го повредило вашето дете.

Многу психолози, бихевиористи, терапевти, па дури и деца кои станале родители се согласуваат дека родителството е поврзано со моделирање на однесувањето. Ако децата не увидат дека нивните родители се способни да се извинат, можеби ќе им биде потешко да го направат тоа и самите во иднина и нема да развијат емоционални вештини како што се емпатија, добрина и простување.

Зошто е важно родителите да им се извинат на своите деца?

Преку своето однесување, родителите обликуваат модели кои децата можат да ги имитираат. Доколку вие како родител преземете одговорност, покажете емпатија и простување, експертите се согласуваат дека вашето дете најверојатно ќе го прави истото.

-Родителите може да се чувствуваат неприродно кога ќе му се извинат на своето дете, особено ако не биле запознаени со ова однесување. „Извини“ според тоа значи да се биде слаб или дека грешките се поврзани со срам – истакнала терапевтката Кејт О’Брајан.

Сепак, вистината е целосно поинаква.

-Запомнете дека демонстрирајќи го ова однесување, им помагате на децата да се чувствуваат посигурни кога ќе се извинуваат – додала таа.

Терапевтот Сара Епштајн се согласува со О’Брајан и истакнува дека извинувањето му покажува на детето дека како родител сте подготвени да преземете одговорност кога ќе изгубите контрола, или ќе направите нешто што го повредува. Кога родителите одбиваат да се извинат, тие му покажуваат на детето дека како родители тие никогаш не се подготвени да преземат одговорност само затоа што се родители“.

Кога довербата е разнишана, обично зависи од родителот дали ќе ја обнови. Токму тоа може да го постигне со извинување.

-Ако сакате вашите деца да научат колку е важно да им се извинуваат на другите кога ќе ги повредат, покажете им го тоа. Им го покажувате однесувањето што сакате да го прифатат – додава Епштајн.

Родителите кои им се извинуваат на своите деца им помагаат да ги подобрат социјалните вештини

Покрај односот помеѓу родителот и детето, извинувањето придонесува и за подобрување на социјалните вештини на децата и им помага да создаваат и да одржуваат пријателства, да развијат емпатија, да ја зголемат способноста за изразување каење и простување, да ја вратат довербата и да решаваат проблеми. Односно, ги учи на емоционална интелигенција.

Терапевтот Лорен Кук-Мекеј истакнува дека овој аспект на нежното родителство ги реконструира грешките како човечки квалитети, отстранувајќи ги токсичните очекувања од децата да бидат совршени и информирани и свесни како возрасните. Кога родителите им се извинуваат на децата, тоа им покажува на децата дека дури и родителите се способни за правење грешки.

Тие додаваат дека децата учат повеќе за себе преку извинувањето од страна на родителите.

-Ова, исто така, им помага на децата да развијат попрактично чувство за себе, дека тие се поединци кои не се инфериорни во однос на возрасните. Ова на крајот ги зајакнува довербата и комуникацијата помеѓу родителите и децата и им олеснува да зборуваат за работите што се случуваат во нивниот живот – заклучила Кук-Мекеј.

Извор



912

X