Кога станува збор за новороденчиња, советите можат да бидат во сите форми – и луди и разумни. Затоа, олеснување е кога можете да добиете здраворазумни совети.

Писателката Меги Гроф ја собрала својата макотрпна мајчинска мудрост во делото „Ѓаволестата книга на госпоѓа Гроф за менаџмент на мајчинството“ (Mrs Groff’s Mischievous Book of Motherhood Management), која треба да биде задолжителна „лектира“ за секоја мајка.

Ова се некои од најинтересните делови од книгата:

Незамисливата вистина

Извонредно е кога некој што никогаш не сте го сретнале ќе излезе од вашето тело. Целосно ве менува. Во тој незаборавен момент на чудесниот живот секоја жена веднаш станува витална, силна и заштитнички настроена. Нејзините безгрижни денови на независност завршија и таа сега живее за две личности, од кои едната е дефинитивно главна, а тоа не е таа.

На почеток новата мајка е шокирана и збунета затоа што нејзиниот живот повеќе не ѝ припаѓа нејзе. И целосно е неподготвена за присуството на нејзиниот новороден мајчински инстинкт, кој е исто толку моќен и влече како самата гравитација.

Постарите и помудри жени ѝ кажуваат дека мајчинството е најпредизвикувачкото и највредното нешто што некогаш го доживеала, и дека не постои паралела со него. А таа, на самоуверен начин, нејзините претходни предизвици и достигнувања ги сметаше за повисоки, поголеми, подобри. Работеше во Њујорк, а се омажи во Венеција. Се искачи на Еверест и пловеше со кану на Иравади. Дури и пешачеше на Милфорд. Таа е сигурна дека старите идеи повеќе не се важни за нејзината генерација. Нејзе не ѝ се потребни антички размислувања за мајчинството. Но не знае дека токму тие шепотења ѝ се пренесени на секоја мајка уште од антички Вавилон. И со добра причина – затоа што се вистина.

Во еуфоричните рани денови таа се прашува зошто никој не споменал дека раѓањето бебе е како страсна љубовна врска, со постојана моќ над нејзините емоции. Или дека кога нејзиното дете ќе ја погледне в очи, љубовта што се излева и чувството на чиста среќа се толку силни, што може да се допрат.

А подоцна, меѓу прекрасните мигови и навидум бескрајните непроспиени ноќи, новата мајка тајно се грижи за сè. Таа не е свесна дека мајката-природа ја поддржува и дека илјадници години еволуција ги подготвила нејзиниот ум и нејзиното тело за ова искуство давајќи ѝ неверојатна сила, интуиција и способност, кои ќе бидат со неа тогаш кога ѝ се потребни. Целиот нејзин живот.

Мајчинството е природата во најдобро светло. А чудата и наградите се како ништо друго. Ќе видите.

Дали вашето бебе дојде на свет навреме?

Датумот на породување на мајката се пресметува рано во бременоста. Се претпоставува дека жените имаат менструални циклуси на 28 дена и овулацијата се јавува на 14. ден од циклусот.

Вашиот датум за породување е вашиот првиот менструален ден плус 280 дена (40 недели). Бидејќи бременоста се јавува во текот на овулацијата, ако одземете 14 дена од вкупниот број, остануваат 266 дена (38 недели), што е приближно просечната гестакулација.

Сепак, според некои бројки, само околу 5 отсто од бебињата пристигнуваат на одредениот датум.

Нова рутина за бебињата

Ќе добиете многу бесплатни совети од добронамерни луѓе за брзо воспоставување рутина кај бебето, но прашајте се себеси: Како може живо суштество кое расте и се менува со брзината на звукот да има рутина? Затоа, не паничете – зачувајте ја рутината за подоцна, кога удобно ќе се сместите во мајчинството.

Искрено, за повеќето мајки со новороденче фактот што среда и четврток се по понеделник и вторник е доволна рутина.

Внимание!

Не очекувајте вашето новороденче да го прави она што го кажуваат експертите. Ми беше кажано дека новороденчето ќе спие по 20 часа. Сè уште го барам тоа бебе.

7 совети за супермајките:

– Ако имате доволно среќа да ја имате покрај вас, слушајте ги советите на вашата мајка. Потоа правете што сакате.

– Бидете попустливи со вашите лични очекувања. Сите сме аматери кога првпат се соочуваме со мајчинството.

– Не трошете го скапоценото време да му поставите режим на бебето. Правете ги работите полека и обидете се да ги задоволите потребите на бебето додека не ја најдете средината.

– Мора да бидете мајката што сакате да бидете. Немојте да имате перформанс што треба да се одобри од другите.

– Прифатете ја секоја помош што ви се нуди. И понудете помош кога им е потребна на другите родители.

– Никогаш не стојте онаму каде што можете да седите, никогаш не седите онаму каде што можете да лежите и никогаш не му кажувајте никому дека го правите тоа. Бидејќи ако ве видат, ќе побараат нешто од вас.

– Уживајте во бебињата и децата.

2 работи што треба да ги прифатите уште на почеток

– Вашите мрзливи денови на плажа завршија. Сега вашето внимание мора да биде целосно насочено на плажата (и на базен) во наредните 12 години.

– Ќе имате бели дамки на сите ваши алишта најмалку две години.

Плус:

Без оглед колку се трудите да не го направите тоа, ќе се претворите во вашата мајка.

Извор



912

X