Дали некогаш сте помислиле дека најкомпетентниот, најголемиот советник, најголемата поддршка во родителството ја имате токму пред себе? Да, ќе ја најдете во вашето дете, кое е старо еден ден, еден месец, година, две, три…

Од раѓањето на нашето прво бебе, па и во периодот на бременоста почнуваме да се занимаваме со родителството како тема на најразлични начини – преку работилници, книги, советувања… Важно ни е да ги следиме современите текови, подготвени сме да се менуваме, помалку да грешиме за да бидеме што подобри родители… Сепак, да се биде родител е улога, што значи дека зад таа улога треба да стои човек, остварен, неостварен, со желби, потреби, фрустрации, стравови, разни емоции, кои се тука и кога ќе станеме родител – не се намалуваат, туку се зголемуваат!

Стравовите, недостигот на самодоверба, чувството на безвредност и навиката да не се изразуваме со сопствен речник, туку со научени фрази за општоприфатени општествени правила – се најлошите нарушувачи на односот родител-дете. Сите тие емоции и начини на однесување го расипуваат нашиот однос кон детето бидејќи со години наназад го расипуваат нашиот однос кон себеси, кон сопствените граници, здравје, достоинство, интегритет… Личниот развој е процес кој трае целиот живот, кој често изгледа како еден чекор напред – два наназад, па честопати сакаме да се откажеме и да се препуштиме… но тука настапуваат нашите мали мудреци, со огромна желба да соработуваат, да нè научат и да нè потсетат на она што веќе го знаеме!
Тие одлично, со цело свое битие, некогаш суптилно, со сите свои комуникациски вештини, не штедејќи енергија, нè тераат да се најдеме себеси и да продолжиме со развојот бидејќи тие никогаш нема да се согласат на односот со човек во улогата на родител, туку со ЧОВЕКОТ СО СЕБЕ ВО СЕБЕ, кој за среќа е нивниот родител. Тоа неприфаќање на лажен однос го покажуваат и низ разни болести од физичка природа, но и низ разни емотивни и психолошки блокади подоцна во животот.

Како инструктор за масажа на бебиња на часовите со родителите често имам можност да ја согледам таа компетентност на бебињата помали од една година. Еве еден интересен пример:
На еден час беше договорено таткото да го масира бебето (од 3 месеци) додека мајката набљудува, со тоа што мајката требаше да се потруди бебето да не ја гледа за да не ја попречува нивната интеракција. Тоа беше ПРВПАТ таткото да го масира бебето. Бебето за некое време почна да се вртка, се обидуваше да комуницира со таткото барајќи ја мајката или нешто трето, на што таткото реагираше навистина топло и се обидуваше со комуникација и топла насмевка да го смири бебето. Но, тоа не ја смири и мајката: се разбира дека нејзиниот немир не го почувствува никој друг од присутните освен БЕБЕТО – нејзиниот учител, кое набрзо почна тивко да плаче и јасно да се спротивставува на масажата сè додека мајката конечно не се појави покрај него и ја растури цела дотогаш воспоставена енергија – по што следуваше доење и едно прекрасно поврзување меѓу нив тројцата!

Сега, текот на случувањата би можел да нè наведе на помислата дека можеби бебето едноставно било гладно. Тоа е толку едноставно и таквите заклучоци не нè водат кон разбирање на потребите на бебето, а особено не кон неговата компетенција и потребата за соработка. А што всушност се случуваше: таткото, видно возбуден поради првата масажа, влезе во однос со бебето со огромна желба да успее, а бебето со секој негативен сигнал му ја намалуваше самодовербата. Неговото бебе јасно бараше од него тоа и да го покаже, да биде ТОЈ самиот, дека не е страшно при првата интеракција да доживее целосен „неуспех“, дека треба да знае дека нивната поврзаност не е иста како онаа со мајката, што е природно за тој период, дека му треба време… бебето од мајката исто така бараше да се најде себеси и да биде своја, каква и да е, за да се смират меѓусебно, да му признае: „…почувствував дека ти требам, дека си гладно, дека не сакаш масажа сега…“ – бебето од мајката бараше самата да си ги признае своите емоции. Дури откако го исполни тоа, мајката можеше да ги задоволи потребите на бебето. За таквиот однос се потрудија сите тројца ЕДНАКВО! Бебето беше совршен учител, а мајката и таткото – добри ученици…

…Мислам дека е важно на децата да им ги признаеме компетентноста и придонесот за нашиот личен развој, исто како и нивниот развој низ односот кон нас. Тие навистина се трудат, од момент во момент, а нам ни останува само да го отвориме умот за таа можност – дека откако ќе научиме сè за превивање на папочната рана, доењето, спиењето, фазите на развој и слично – треба да почнеме да учиме од нашите деца...

Текст: Јана Вулиновиќ



912

X